Претставниците на независните граѓански листи реагираат дека Државната изборна комисија (ДИК) ги променила нивните називи на гласачките ливчиња и со тоа се отвора можноста гласачите да бидат доведени во заблуда/
Денеска, независните граѓански листи на прес-конференција укажаа дека освен промените на називите на гласачките ливчиња, нив не им бил даден на увид ниту избирачкиот список, кој им е важен за планирање на кампањата.
„Со своето досегашно постапување ДИК придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи и голем број граѓани кои се препознаваат во нас. И покрај нашите укажувања, за разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите. Исто така, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и во никој случај не смее селективно дa e практикувано од државна институција“, велат од независните граѓански листи.