Обесштетувањето на 50 ранети и семејствата на 18 загинати полицајци во кризата во 2001 година, како и унапредување на положбата на затворските полицајци и затворската администрација, беа главните точки на второто редовно собрание на Независниот полициски синдикат.
– Од околу 560 ранети припадници на безбедносните сили во 2001 година, околу половина беа припадници на АРМ и сите беа обесштетени, додека кај полицајците има кршење на човековите права и дискриминација бидејќи дел од семјствата на загинатите беа обесштетени, а 18 се уште чекаат на тоа. Кај ранетите, пак, има случаи на ранети во исто возило некој да е обештетн, а некој не, и тука има 50 необештетени ранети полицајци – рече Ацо Стојановски.
Горан Ристески, кој го предводи синдикатот на затворската полиција, посочи дека во него членуваат девет синдикални организации од вкупно 12 затвори во државата. Според него, Македонија како држава кандидат за членство во Европската унија треба да ги применува европските затворски правила и во однос на затворската полиција и администрација.
– Најголеми наши проблеми остануваат ниските плати, немањето правилно вреднување на трудот, постоење вербални и физички закани од затворениците и од нивните семејства, нерегулирално одење во пензија, бидејќи 12 години пред 2016 година добивавме паушали што не влегуваа во платата и за што не се плаќаа придонеси, така што нашите членови кога ќе се пензионираат ќе имаат помала пензија од слични позиции во јавната администрација, итн – изјави Ристески.
Тој информираше дека склучиле договори со 17 адвокати и адвокатски друштва за да им овозможат на своите членови правна заштите од ризиците со кои секојдневно се соочуваат во својата работа и во контактот со затворениоците и нивните семејства.