499
Државниот инспекторат за труд утврдил законски нерегуларности со формирањето на синдикатите во јавните универзитети, соопшти денеска Независниот академски синдикат (НАкС). Трудовиот инспекторат излегол на терен по пријавата што НАкС ја доставил на 27 јануари по иницијативата на работодавците, универзитетите „Св. Климент Охридски“ од Битола и „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје за организирање нови синдикати. Инспекторите извршиле надзор на 28 и на 30 јануари. Од НАкС го соопштуваат известувањето кое инспекторите им го доставиле по нивното барање:
– Целокупната комуникација, постапката и редоследот на активности во делот на основањето на синдикатот кај работодавците се одвивале преку службените е-адреси кај работодавецот, по директна инструкција на генералниот секретар, со давање насоки на вработените и доставување изготвени пристапници од страна на генералниот секретар и секретарите во единиците во состав. Со тоа се нарушува уставно загарантираното право на самостојно здружување на работниците, како и можноста на слободниот избор на истите да основаат синдикат по свој слободен избор, а не по правила и насоки утврдени од страна на работодавецот и административните служби кај истиот. Работодавците не ги почитувале одредбите од членот 195 од Законот за работни односи, со тоа што слободното здружување го свеле на службена комуникација и давање насоки, со што извршиле надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, со што работодавецот сторил повреда на погоре цитираниот член од Законот за работни односи – го пренесува НАкС извештајот од инспекцискиот надзор.