Во време на закажани избори, директорката на ЈП Комуналец Неготино од СДСМ, Марина Бојаџиева, распишува тендер за јавно приватно партнерство, што е спротивно на законот, обвини Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Огласот е објавен истиот ден кога почнува предизборната кампања, 27 септември 2021 година. На тендерот се јавува еден понудувач, семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ. И наместо во име на транспарентноста и почитување на законитостите на јавните набавки да биде поништен тендерот, Бојаџиева од СДСМ ја прифаќа понудата од Стојановиќ од СДСМ, за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар јавно приватно партнерство – истакна Стоилковски.
Тој додаде дека Општина Неготино за овој случај доставила поднесок до Антикорупциската комисија, кадешто, според него, предметот е архивиран лани во декември.
-Предметот е предаден на член на комисијата, а досега од ДКСК се уште немаат никакво известување. Според законот, рокот за информација за предмет е 60 дена. Календарски, рокот за предметот во ДКСК испратен од Општина Неготино, истекува денеска. А, информација нема. 60 дена изминуваат, а информација од таму што се случува по овој предмет нема – рече Стоилковски.