Незаконската изборна дупка од 3 милиони евра ќе ја пополнат со промена на законот!?

by Fokus

Текстот е објавен во бројот 887 во неделникот „Фокус, “на 29 јуни, 2012 година 

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Наспроти демократијата и владеењето на правото, во Македонија се засилува синдромот на заробена држава и апсолутизам. Вака некако, Транспаренси интернешенал (ТИ) чиј прв човек е Слаѓана Тасева, ги детектира тенденциите што се последица на „килавите“ институции. А станува збор за оние што се надлежни да го контролираат патот на парите кај политичките партии.

Ваквите декор институции, со нивната неефикасна контрола на политичкото финансирање, доведуваат до системска корупција. Но, од оваа невладина организација со меѓународно реноме, не останаа само на општи фрази. Конкретно ги лоцираа „заспаните“ институции. За Државниот завод за ревизија ( ДЗР )и за Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе констатираат дека „и самите се впуштија во практика на селективност и свесно погрешно толкување на законите“. Транспаренси, во овие рамки, добро го вклопи и однесувањето на Јавното обвинителство на чело со Љупчо Шврговски. Потсети како лани, во изборната кампања, обвинителството не препозна соодветна одредба од кривичниот законик за „да поведе постапка во врска со списоците на лица кои под закана или врз основа на дадено ветување ветиле дека ќе гласаат за определена политичка партија“. Да појаснам, се гонеше според погрешна одредба од кривичниот законик. Или, како што со „700.000 евра во шише“ се занимаваа погрешни институции. Ербап се, нема што!.

На иста линија со Фокус, и од ТИ забележуваат дека благодарение на ваквата зависност, комоција или страв, сеедно, на овие контролни институции, се создава систем на апсолутна власт, при што се наметнува прашањето: Кој ќе ги контролира контролорите? Но, одговорот е прост како гравче – контролорите ги контролира оној што тие треба да контролираат. Или, иако ваквите институции по устав и закон се независни, тие се однесуваат како зависници од врхушката на Илинденска 2. И така добиваме, како што од Транспаренси го крстија -„само – одржлив систем на корупција„!

МОЛЧАТ ИЛИ СЕ МАЈТАПАТ!?

Како илустрација на ваквите оценки за „контролорите“ на политичкото финансирање, ќе го наведам искуството на Фокус. За потсетување, до Државниот завод за ревизија и до Антикорупциската комисија на 23 мај испративме прашања, до ДЗР само едно, а до антикорупционерите неколку, а поврзани за финансиските извештаи на владејачката партија од ланските парламентарни избори. Да, за опозициските финансии се погрижија токму „контролорите“. Љубе Бошкоски е во затвор, а за Андреј Петров од СДСМ има кривична пријава поради подигнат кредит за изборно финансирање. За антикорупционерите само ќе кажам дека ниту после 30 дена не добивме одговор, но, во некоја наредна прилика ќе им посветиме повеќе внимание. И овој пат ќе ги анализираме извештаите на ДЗР. Имено, на 21 јуни од ревизорот добивме одговор на тоа едно прашање од 23 мај ( рамка 1). Пет дена подоцна добивме и објаснување за нашите наводи од претходниот број на ФОКУС ( рамка 2). Но, што нѝ објаснуваат одговорите? Дали воопшто нешто објаснуваат!?

Веќе знаеме дека Никола Груевски, во два наврати на пратенички прашања ем деновиве во емисијата X/О на Роберт Поповски, за долгот од над 3 милиони евра што им остана како опашка од последните избори одговара лаконски – ќе го затвориме согласно законот! Во сличен дух е и рекцијата на ДЗР. И за ревизорот чарето што ВМРО-ДПМНЕ забразди финансиски од изборите, а спротивно на законот, е дека, внимавајте – законот ќе се менува. Во министерството за правда веќе работела комисија на оваа задача. Ќе се менува и фамозниот член 71 став 5, кој ги притиска Груевци, каде јасно е запишано дека изборните приходи и расходи ИСКЛУЧИВО, тоа е многу прецизен збор, ќе одат преку посебната изборна сметка. А овие сметки веќе мора да се затворени. А ако е ИСКЛУЧИВО, тогаш не може за никого да има исклучок. Особено што посебната изборна жиро сметка е услов за да се влезе во изборната трка. Уште еднаш- јасно е како ден.

Е, ама контролорите што изведоа успешни акции против СДСМ и ОМ, сега или молчат како риби, како антикорупционерите, или, простете, се мајтапат. Она што го добив од ДЗР како одговор и објаснување е буквално своевидено мајтапење. Не со Фокус, не со мене како автор, туку со јавноста.

Имено, од конечниот извештај на ДЗР за изборната сметка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нели со изборна финансиска дупка од над 3 милиони евра, нѝ остана нејасен следниот навод на ревизорот:

„Имајќи ги предвид состојбите во пракса, каде дел од учесниците во изборната кампања имаат создадени обврски кои не можат да се покријат од обезбедените средства на сметката на изборната кампања, овие обврски ќе бидат пренесени во деловните книги за редовната сметка ( н.з.) каде ќе бидат покриени/платени  од извори кои не се наведени во член 83 од Изборниот законик”!

Бев вчудоневидена што ревизорот се повикува на „состојбите во пракса“, а го прескокнува децидниот законски став, членот 71, ставот 5, од Изборниот законик: Сите трошоци за кампањата ИСКЛУЧИВО (н.з.) ќе се покријат од средствата на жиро -сметката за изборната кампања.

Токму заради ваквите толкувања, до ДЗР поставивме прашање:

Како оваа пракса за префрлање на обврски од изборна кампања на редовната сметка ќе ја вметнете во рамките на членот 71, став 5 од Изборниот законик?

И на 21 јуни нѝ стигна одговорот кој во целост го пренесуваме ( рамка 1). Велат дека за прашањето сум се мотивирала од точката 5.3. од извештајот, ама и во точката 5.1 имало – системски слабости кои ДЗР ги детектирал, но, не добив одговор како 3 милиони евра долг на Груевци ќе го сместат во законски рамки, во членот 71 став 5! Зарем мислат дека со измена на законот и оваа законска одредба ќе го озаконат борчот на коалицијата предводена од владејачката партија Уште повеќе, тоа што се должи, ќе треба да се собере како донација. Три милиони евра!?

НЕКОЈА БУДАЛА ГО НАПРАВИЛА ЛОШ ЗАКОНОТ!

И сега ќе се обидам сосема конкретно да ви посочам и објаснам каде се крие мајтапот. Во одговорот од ДЗР, всушност, се цитира еден дел од извештајот на ревизорот. Арно ама, токму она што го забележав, дека недостасува кај ВМРО-ДПМНЕ- децидно цитирање на чл. 71 ст. 5, сега стои во одговорот- како дел од извештајот! Но, лесно се проверува дека оној дел што го подвлековме со жолто, сепак го нема во конечниот извештај! Токму тоа што и го тврдев. Уште повеќе, од ДЗР сосе одговорот нѝ испратија и дел од ревизорскиот извештај за ВМРО-ДПМНЕ, демек, како поткрепа на нивниот одговор. И, сега, кој овде е луд а кој збунет, нагаѓајте сами, но, и во овој документ го нема тоа што ревизорот во одговорот тврди дека го има. Чуму им се ваквите мајтапџиски „одговори“!?

Од друга страна, откако во минатиот број на Фокус излеговме со тезата дека „Државната ревизија ја штити незаконската изборна дупка на Груевци од три милиони евра“, ем тоа го пласиравме со назнаката –скандалозно, од истата адреса добивме експресна реакција, спакувана како – објаснување. Во ова објаснување (рамка 2) веќе не се споменуваат точката 5.3. ( нели, што ме инспирирала) и точката 5.1. ( системските слабости), ами сега ме упатуваат и на точка 5.4.- демек, во сите извештаи на политичките партии токму тука бил цитиран и чл. 71. ст 5. Претпоставувам, дека веќе ви е јасно дека ниту во таа точка го нема она што тврдат дека го има и кај ВМРО-ДПМНЕ. Добро што не ни испратија ДЕМАНТ туку само ОБЈАСНУВАЊЕ, според кое објаснија дека тоа што го нема во извештајот на ДПМНЕ, ѓоа го има.

Да бидам најдобронамерна, можеби стоел овој навод во првичниот извештај, но после средбата со одговорните лица од владејачката партија, (според записот се случила на 14 декември 2011 година) или, веќе не знам како, во конечниот извештај овој пасус наеднаш ИСЧЕЗНАЛ. Патем, како што и наведов минатиот пат, не само кај ДУИ, туку и во извештаите на ДПА и ЛДП, кои заради споредба ги погледнав, стои истиот пасус. Оној, де, што исчезнал кај ВМРО-ДПМНЕ!

Наводот, пак, за „состојбите во пракса“ изборните долгови да се покриваат од редовната сметка, го има само кај Груевци!

Да резимирам, ДЗР од не знам какви соображенија, партијата на Груевски ја истретирал орвеловски- сите партии се еднакви, но некои се поеднакви од другите. Им благодарам што согласно законот претпоследниот ден од рокот- 29-от испратија одговор, но, искрено жалам што една врвна институција, таква барем беше едно време, сега е доведена да голта кнедли и да ни објаснува дека црното е бело! Сепак, не е прв пат да доживееме една ваква зафрканција. Кога пред неколку години побарав одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали ја исполниле законската обврска да го пријават недвижниот имот со кој располагаат, мангупчињата од „стариот бран“ ми одговорија потврдно и ме упатија да проверам на сајтот на Државниот завод за ревизија. Откако очи ми испаднаа да го пронајдам, набргу укапирав дека се мајтапеле со Фокус. Имено, ревизорот одби да ни ги достави овие податоци, не, пак, да ги истакне на веб страницата. Ги прогласи за доверливи, па да не ја нарушеле даночната тајна – нѐ откачи. После повеќе од две години стигнавме слободно до овие доверливи детали за имотот на ВМРО-ДПМНЕ, откако Управниот суд пресече дека законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е на наша страна.

И ако бирократскиот јазик со точките и законските членови ви прават своевидна конфузија, ќе се обидам целава какафонија да ја преведам на народен јазик. Има една стара анегдота за полицаец кој напишал казна за сообраќаен прекршок на возачот на автомобилот кој поминал на црвено светло на семафорот, избегнувајќи за влакно да удри во совесниот возач од спротивната страна кој минал на зелено. Арно ама, кога видел дека казнетиот, всушност, е министерот за внатрешни работи, кутриот се здрвил. Ја скинал казната со зборовите: Простете министре што замалку ќе ве казнев што некоја будала од спротива помина на зелено! Приказната со изборната дупка на Груевци од ланските избори, сега контролорите ја оправдуваат во стилот „простете премиере Груевски што некоја будала го ставила членот 71 став 5 во Изборниот закон“. И, се разбира, се фатија за работа- да го менуваат законот.

Рамка 1

ДЗР нѝ одговори за изборниот долг на ВМРО-ДПМНЕ

ТРЕБА ДА ЈА ИМАТЕ ПРЕДВИД ПОВРЗАНОСТА НА СИСТЕМСКИТЕ СЛАБОСТИ!

Државниот завод за ревизија цени дека треба да ја имате предвид поврзаноста на системските слабости дадени во дотичниот ревизорски извештај. Од тие причини освен на точката  5.3  од каде цениме дека произлегува вашето прашање, ве упатуваме и на утврдените системски слабости во точката 5.1. следствено:

Согласно одредбите на член  85 став 1 од Изборниот законик  („Службен весник на Република Македонија“ број  40/06;  136/08;  155/08; 44/11 и 50/11) е уредено: „Организаторот на изборната кампања е должен веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на завршување на изборната кампања да поднесе вкупен финансиски извештај за изборната кампања“.

Од друга страна одредбите на член 71 став 6 од наведениот закон

пропишува дека сметката за изборнатакампања „се затвора откако ќе бидат исплатени средствата од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на општините и градот Скопје за секој добиен глас на изборите“. Надоместокот за трошоците за изборите, согласно член 86 став 3 од наведениот закон, ќе се исплатат најдоцна во рок од три месеци по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за спроведените избори.

Доследната имплементација на наведените законски одредби во пракса предизвикуваат:

-Вкупниот финансиски извештај  да не ги опфаќа трансакциите /промените во деловните книги кои се случуваат од денот на изготвување на извештајот до денот на затворање на сметката за изборните кампањи, што би имало влијание на реалното и објективното искажување на финансискиот извештај;

***-Не секогаш обезбедените средства за изборната кампања од организаторот на изборната кампања и надоместокот на трошоците за изборите од Буџетот на Република Македонија, односно од буџетот на општината и на градот Скопје се доволни за подмирување на создадените обврски во текот на изборната кампања. Затворањето на наведената сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средствата на сметката за редовното работење не е во согласност со одредбите на член  71 став  5 каде е уредено дека  „сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на жиро-сметката за изборната кампања“.

Надлежните органи да превземат активности за преиспитување на погоренаведените законски решенија и да предложат и достават до Собранието на Република Македонија предлог за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Во тој контекст, претставници на Државниот завод за ревизија се учесници во работна група формирана од Министерството за правда која има за задача да подготви предлози за измена на Изборниот законик. Предмет на преиспитување на оваа Работна група се и наодите од Конечните Ревизорски извештаи во врска со одредбите на Изборниот законик од кои ќе произлезат и предлози за измена на оние членови од законот кој што се констатирани во ревизорските извештаи. Во таа насока, предмет на разгледување ќе биде и член 71, став 5 од ИзборниотЗаконик.

Рамка 2

ДЗР објаснува

ТОА ШТО ГО ИМА КАЈ ДУИ, ГО ИМА КАЈ СИТЕ ПАРТИИ!?

Почитувана госпоѓо Костова,

Како Главен и одговорен уредник на Неделникот „Фокус“ и автор на текстот „Државната ревизија ја штити незаконската изборна дупка на Груевци од три милиони евра“, би сакале да ви објасниме за наводите дека одредени состојби кои се напишани од ревизорите во ревизорскиот извештај за ДУИ, Сметка за изборна кампања, ги нема во ревизорскиот извештај за работењето на ВМРО-ДПМНЕ, Сметка на изборна кампања.

Имено, наведениот текст „затворање на наведената сметка и подмирувањето на создадените обврски за изборната кампања од средствата на сметката за редовно работење, не се во согласност со одредбите на членот 71 став 5, каде е уредено дека сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од сметката за изборна кампања“, е дел од ревизорските извештаи за сите политички партии во точката 5.4.

Ве молиме, коректно и професионално да го пренесете овој наш став во вид на објаснување согласно новинарскиот етички кодекс и другите законски норми кога е во прашање објавеното во медиумите.

Со почит

Скопје, 26.06.2012

Мијалче ДУРГУТОВ

 Рамка 3

Транспаренси интернејшнал

ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ТОЛЕРИРА НЕЗАКОНСКО ФИНАНСИРАЊЕ!

Деновиве со свој коментар на извештаите на Државниот завод за ревизија за финансирање на политичките партии излезе и Транспаренси Интернешнал. Првичните заклучоци на оваа невладина организација од анализата на извештаите на ДЗР беа следните:

-Извештаите објавени од ДЗР за изборното финансирање не се во склад со законите и со стандардите за ревизијата
-Во своите констатации државните ревизори пропуштиле да ја остварат својата функција за надзор и контрола
-Ревизорите не ги повеле соодветните постапки кои би довеле до повикување на одговорност и санкционирање на одговорните во изборните кампањи.
Земено во целина, ТИ чиј претседател е Слаѓана Тасева, оцени дека Државниот завод за ревизија толерира незаконски однесувања на одговорните за организирање на изборни кампањи, толкува закони на начин со кој ги оправдува незаконитостите, наместо за тоа да поведе соодветни постапки, а коментира работи за кои има законска обврска да донесе заклучок.

Рамка 4

Борба против корупција

ВЛАДАТА ИЗБЕГНУВА ДА ГО ОБЈАВИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРЕКО!

Во Извештајот од Пленарното заседание на ГРЕКО, одржано во март оваа година, усвоени се вкупно 13 препораки од кои 7 се однесуваат токму на политичкото финансирање. Според правилата на ГРЕКО овие извештаи се јавни документи, односно владите се тие кои треба да ги преведат на еден од официјалните јазици и да ги објават. Од Трнаспаренси интернешенал ( ТИ) се сомневаат дека владата на Груевски одбегнува да го објави извештајот затоа што тој содржи неповолни оценки во однос на клучните прашања за независно тело за контрола, кое ќе има мандат, надлежност и доволно ресурси да спроведува про-активна и ефикасна суперревизија, истрага и спроведување на регулативата за финансирање на политиката.

„Доколку таа оценка беше добра, се разбира дека ќе постоеше голем интерес да влезе во најновиот извештај на Европската Комисија.
Кога оценката не е добра, интересот на власта е таа да не биде објавена. На тој начин оценката за усогласеноста со препораките на ГРЕКО, која секогаш била значајна за оценка на прогресот на Република Македонија во борбата против корупцијата, ќе биде сокриена и недостапна за Европската комисија, а уште позначајно, за граѓаните на Македонија. Станува очигледно дека не постои потребната политичка волја за ефикасна контрола над финансирањето во политиката“, коментира Слаѓана Тасева од ТИ!
Инаку, ГРЕКО е тело на Советот на Европа кое презема активности за оценка на усогласеноста на државите со меѓународните стандарди за борба против корупцијата.

 

Поврзани новости