„Умерено незадоволителна“ е оценката на Светската банка за напредокот во целокупната имплементација на проектот за изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка на Коридорот 8. Заемодавачот на средствата за проектот нагласува дека изведбата на целокупниот пат долг 23 километри е во тек, но физичкиот напредок во изградбата треба да се забрза за време на летниот период. Како резултат на ваквиот заклучок на Светската банка, во последниот Извештај за статусот на реализација и резултатите на проектот е променета претходната оценка од „умерено задоволителна“ во „умерено незадоволителна“.
Ваквата критика од Светската банка доаѓа заедно со последниот извештај на Министерството за финансии, во кој се вели дека владата во првите 5 месеци од годинава успеала да потроши само 13,74 отсто од средствата наменети за капитални инвестиции во 2019 година.
Изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка започна на 22 јуни минатата година, со рок на изведба од 3 години. Граѓаните по новиот пат ќе треба да се возат веќе од средината на 2021 година, за што од Светската банка беше земен кредит во 2015 година. Вредноста на инвестицијата е над 58 милиони евра.
Во изјава за „Мета“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов на средината на јуни тврдеше дека експресниот пат Ранковце – Крива Паланка непречено се гради. Иако добил наследен готов проект кога дошол на позицијата директор, процентот на експропријација на земјиштето бил многу низок и од Светска банка имало забрана за градење на проектот, со закана дека кредитот ќе си го земат назад.
– Примив нови правници и за 5 месеци дојдов до 90 отсто експропријација на земјиште – посочи тогаш директорот Китанов.