Невремето во наредните денови ќе ја загрози пролетната сеидба, се препорачува чистење на каналите

by Фокус

Во наредните денови времето ќе биде облачно и нестабилно, со врнежи, грмежи и силен ветер, информира Управата за хидрометеролошки работи.

„Утре попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд од над 50 литри на метар квадратен, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 литри. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град“, наведува Управата.

Поради тоа, Министерството за земјоделство предупреди дека новите врнежи од дожд прогнозирани за викендот и почетокот на наредната седмица ќе започнат да предизвикуваат проблеми со пролетната сеидба, расадувањето на тутунот и останатите работи на отворено, поради големата влажност особено во површинскиот слој.

„Ваквите временски услови и понатаму не се поволни за пчеларството, заради интензивниот пролетен развој каде потребите од чести излетувања и носењето на храна се многу големи, а ветровитото и врнежливо време тоа не им го дозволува“, велат од Министерството.

Од таму препорачуваат да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.

Поврзани новости