Невремето поплави патиштата и предизвика штети во делови од Германија, соопштија денеска локалните власти, додека другите делови од земјата се подготвуваат за силен дожд.
Службите за итни случаи беа повикани на стотици локации, а најтешко е погоден регионот Франконија во Баварија. Неколку автомобили се заглавени под вода во подвозниците во Нирнберг и Фирт.
Најголема финансиска штета се случила во Унтермерцбах, северно од Нирнберг, каде што гром најверојатно запалил магацин со 60 до 70 возила, соопштија пожарникарите во првичната проценка.
Во Тирингија, улиците беа поплавени и во градот Нордхаузен, а локалните служби беа повикани да ја отстранат водата од подрумите и патиштата.
Повеќе од 100 милилитри дожд наврнаа во тој регион за помалку од 12 часа, соопштија германските метеоролози. Во градот Лудвигсхафен во покраината Рајнланд-Пфалц се запали семејна куќа, најверојатно поради удар на гром. Повредени нема, а штетата изнесува 100.000 евра, јавува „dpa“.
Утринава метеоролошките служби издадоа предупредувања за уште три области на северот на Тирингија, а попладне се очекува смирување на времето.