Едно лице загина кога дрво падна врз автомобил во невремето што ја погоди крајната северна германска покраина Шлезвиг-Холштајн, што беше првата жртва од големото невреме во таа земја.
Несреќата се случила вчера попладне на островот Фемарн во Балтичкото Море, изјави портпаролот на полицијата. Силното источно невреме вчера скрши гранки и ги поплави плажите и бреговите во Шлезвиг-Холштајн. Железничкиот и автомобилскиот сообраќај беше отежнат на многу места.
Во градот Фленсбург водата достигна ниво од повеќе од два метри над нормалното, покажуваат податоците на Министерството за животна средина во Шлезвиг-Холштајн. За Фленсбург ова е највисокиот водостој во последните 100 години.
Во текот на ноќта се очекува повторно смирување на времето и повлекување на надојдените води.
Напливот на бура во Балтичкото Море во петокот предизвика евакуација и прекин на електричната енергија во јужните и источните дански крајбрежни области. Данската полиција ги повика жителите и туристите преку платформата за социјалните медиуми X, порано позната како Твитер, да ја напуштат областа околу плажата Сандерсвиг.
Според полицијата, насипот попуштил во село куќички во близина на Хадерслев во југоисточниот дел на Јитланд. На островот Мон во југоисточна Данска, на жителите на одморалиштето им било кажано да ги напуштат своите домови до вчера вечерта. Надлежната општина на својата веб-страница објави дека очекува поплави во регионот.
Околу 200 дански домови останаа без струја вчера попладне, а според извештајот на ТВ2, снабдувачот со електрична енергија N1 рече дека се погодени сите летни куќи во Абенрао, недалеку од германско-данската граница.
Данскиот воздушен и фериботски сообраќај беше строго ограничен во петокот. Аеродромот во Копенхаген попладнето соопшти дека поради силниот ветер досега се откажани 88 летови.
Според соопштението, може да има натамошни откажувања на летови и подолги доцнења во вечерните часови. Фериботите меѓу Германија и Данска исто така се прекинати од четвртокот навечер. Редовниот распоред се очекува да продолжи во сабота.
Погодени беа и соседните земји Шведска и Норвешка. На југот на Шведска затворени се неколку железнички линии и има поплави, јавува новинската агенција ТТ.
Норвешкиот метеоролошки институт предупреди на невреме и силни налети на ветер на југот и југозападот на земјата, а откажани се и неколку летови и врски со траект.
Во австриската провинција Тирол маж загина од дрво кое паднало за време на невреме. Според полицијата, 86-годишен маж вчера излегол од својот автомобил во Ландек бидејќи дрвото било на коловозот. Во тој момент се срушиле уште две дрвја, од кои едното паднало врз човекот, велат тие.
Во Тирол вчера беа измерени удари на ветер од речиси 200 километри на час. Топлото невреме Фоен од југ урна дрвја и откорна покриви. Железничката линија над превојот Бренер изутрината беше затворена поради дрвја кои паднаа на пругата. Штети од невремето има и во други провинции.