Невработеноста има историски пад, компаниите бараат увоз на работна сила, тврди Ковачевски

by fokus

Компаниите бараат увоз на работна сила, а стапката на невработеност има историски пад, односно таа денес е 14 проценти, а во 2019 година беше 24 проценти, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерва на трибината со која беше означен почетокот на кампањата „Ние сме Европа“.

-Затоа кога одите по автопатите низ Македонија ќе видите дека на многу места пред фабриките има билборди на кои се бараат работници за работа. И ако ги прашате во Стопанските комори, тогаш ќе ви кажат дека голем дел од команиите бараат веќе да се ослободи увоз на работна сила. Бидејќи платите во државата се на повисоко ниво, од тоа што биле пред шест години, рече тој.

Според него, во изминатите 30 години поддршката на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра преку грантови и макрофинансиска поддршка, инвестиции во земјоделието. Тој додаде дека влезот во ЕУ пак дополнително ќе ги зајакне позициите за нашите компании, ќе отвори нови трговски перспективи со што очекувано е да се обезбедат одржливи стапки на раст на БДП што пак во крајна линија ќе значи повеќе пари кај граѓаните и подобар животен стандард.

-Овие показатели се толку моќни затоа што Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, кои се определиле нивната иднина да биде базирана на европски вредности, еконмски просперитет, социјална правда и врвна демократија. Проценките велат дека ЕУ затоа што е голем пазар и земјите работат заедно, нивните економии се за 10 проценти поголеми. Тие 10 проценти преведени во приходи се 850 евра по глава на жител дополнителен приход во секоја од државата. Затоа ЕУ е цел за нашите граѓани, рече Ковачевски.

Поврзани новости