Невообичаено новогодишно украсување кај соседите: Децата ни врескаат од страв!

by Fokus

Наместо да се радуваат и насмеани да позираат покрај новогодишните декорации во градскиот парк, децата се плашат од нив и врескаат од страв, реагираат жителите на Врање, соседна Србија, по повод невообичаените празнични декорации кои ги поставила општината.

Од она кое може да се забележи на фотографиите кои го преплавија регионот, светлечките декорации се во форма на самовила, ангел, сирена, огромни пеперутки… односно пластични и метални конструкции, покриени со светилки. Но, освен поради изгледот на декорациите, кој според жителите на Врање не е соодветен за новогодишните празници, актуелни се и реакциите поради сумата од околу 25.000 евра која општината ја одвоила за украсувањето.

Според тамошните медиуми, фирмата Куцњак од Белград требало да постави шест новогодишни декорации за таа сума, а граѓаните очекувале вистинска новогодишна бајка.

-Како пластична кукла од бутик, на која и ставиле сијалички, некаква форма за која надлежните тврдат дека е пехар, снешко кој повеќе личи на пингвин. Каква пародија е ова? – прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Инаку, Врање се наоѓа на околу 40 километри од нашата граница, па чести се организираните туристички тури на наши граѓани, кои одат во шопинг или пак во посета на тамошните угостителски локали. Според реакциите на јавноста, општината е лидер во невообичаено новогодишно украсување. Во Македонија пак, во повеќето општини воопшто не е украсено и годинава отсуствува празничниот дух.

Во многу градови единствена новогодишна атмосфера има околу приватните локали кои се потрудиле со декорирањето, а причината за неукрасувањето според повеќето градоначалници е енергетската криза, но и актуелната пандемија со корона вирус.

Вики Клинчарова

Поврзани новости