Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството соопштија дека нема да номинираат предлог член и негов заменик на Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, бидејќи, според нив, ова тело е нелегитимно.
„Причината беше несоодветното и незаконско постапување на Судскиот совет, во претходниот период, со што ја загуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе го унапреди угледот на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите“, велат од таму.
Граѓанските организации ценат дека поднесените оставки на двајца членови не се доволни за да го вратат загубениот легитимитет, а изборот на двајца нови членови на Судскиот совет, како што посочуваат, нема да ја смени перцепцијата за досегашното постапување на овој состав на Судскиот совет.
Граѓанските организации остануваат на ставот дека единствен начин за надминување на состојбите предизвикани со незаконското работење на Судскиот совет е доколку и останатите членови поднесат оставки и доколку се иницира унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста во процесот за избор на нови членови на Советот.