Активистите на „О2 Иницијативата“ во 2018 година беа активен монитор на постапките на локалната и на централната власт поврзани со животната средина, аерозагадувањето, уништувањето на Водно.
Невена Георгиевска претставник на „О2 Иницијативата“ посочи дека сработеното на Шилегов околу аерозагадувањето е со мали резултати.
„Премногу има фалење со сработеното, премалку резултати. ПР-от на градоначалникот е супер, но ние сме построги во оценките и фокусирани на резултатите. Има 19 барања кои се обележени дека се во тек на реализација и мислам дека активностите на градот се делумно резултат и на тоа што постојано ги подбуцнуваме. Некои од обврските од листата се лесни за исполнување и не бараат ресурси, само добра воља, какво што е барањето за вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките на градот кои се однесуваат на загадувањето или објавување на Катастарот на загадувачи, но не се реализираат. Има и многу ургентни како уредувањето на Вардариште кое не е почнато бидејќи го кочи донесувањето на ДУП во Гази Баба, како ни покривањето на депониите на линданот што би требало да биде во содејство со Министерство за животна средина општина Кисела Вода. Садењето на по неколку дрвца или хортикултурно уреден тревник не можат да компензираат за тоа што не се зачувува или подига зеленило во форма на паркови, како овие што ги вети Шилегов, покрај Вардар или крај Серава и Лепенец“, изјави Георгиевска за МЕТА.