Неумерена фалба за умерена подготвеност

by Fokus

Поимот истакнат правник треба целосно и јасно да се определи, а не како до сега да служи за вдомување на анонимуси и партиски кадри на судиски, обвинителски места или во  фотељите на судскиот и обвинителскиот совет. Особено треба да се укине Бадинтеровото мнозинство поради кое одлуките во советите се носат не според квалитетот туку според националниот интерес.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за делот на правосудството гласи Северна Македонија постигна одреден степен на подготвеност/е умерено подготвена да ги примени правото на ЕУ и европските стандарди во оваа област.

Понатаму, во извештајот со еднаков речник и дипломатски зборови ја опишува состојбата во определени делови на правосудството давајќи еднаква оценка-умерено подготвени.

Со ваквиот извештај и констатацијата за умерена подготвеност е опишана не само состојбата во правосудството туку е опишана и оценета работата на реформите и кадарноста истите да се спроведат. Со ваквиот извештај е даден и одговор на сите небулози, квази напори, политикански изјави и “млатење празна слама” околу некакви реформи и заживување на судството.

Оценката прочитана објективно и во контекст на сите забелешки кои се наведени во извештајот, без да се користи дипломатскиот речник, гласи дека не сме подготвени да го примениме правото на ЕУ во догледен временски период и дека допрва треба да работиме умерената подготвеност да ја доведеме на ниво на подготвеност.

Умерено сме подготвени, односно неподготвени во блиска иднина да ги примениме и европските вредности, кој и да се истите затоа што и дволичноста и двојните стандарди на ЕУ не даваат можност за правилно утврдување на истите.

Не се само законските измени реформа ниту истите можат да бидат реформа во ситуација на исполитизирано и клиентелистичко правосудство, супремација на извршната власт и комплетно уривање на системот на поделба на власт и непостоење на вистински систем на вредности кој нема да биде декларативен туку практично применет.
Системот на вредности кој допрва треба да изгради е систем на права, обврски и одговорности на носителите на правосудните функции, систем на награди и казни и систем на морални и професионални вредности.

ИСПОЛИТИЗИРАНО СУДСТВО

Но, тој систем не можеме да го изградиме доколку не направиме вистинска реформа во судството и правосудството воопшто која мора да започне со утврдувањето на причините кои довеле и овозможиле правосудството да се исполитизира до таа мерка да го изгуби својот лик, довербата кај народот и да стане алатка на извршната власт и партиите на власт со клиентелистички однос кон истите.

Единствено, утврдувањето на причините кои довеле до ваквата состојба дава можност истите да се отстранат и да се воведат мерки за во иднина да се спречи вакво нешто, но пред се да се изгради систем кој ќе овозможи заживување на судството, создавање на вредности , права но и одговорности со кои судството во иднина ефективно ќе се заштити и ќе одолее на политичките притисоци.

За да се случи тоа треба да ја утврдиме одговорноста на секој носител на правосудната функција и неговото учество во разнебитувањето на судството и користење на својата положба и таквата состојба за свои лични, семејни и материјални интереси.

Одговорноста треба да се утврди индивидуално, по име и презиме, со точно утврдени незаконити дејствија и никако не смее како до сега да се сведе на колективна одговорност и забошотување на стореното.

Треба да се воведе контролен механизам за работењето на судскиот совет и да се предвиди индивидуална одговорност на секој член на советот. Пропуштање на должниот надзор над работењето на некои судови во кои се случија најразлични злоупотреби , а за кои беа надлежни точно определени членови на судскиот совет не смее како до сега да помине несанкционирано и целата приказна и казна да се заврши само на судии или судија на тој суд.

Поимот истакнат правник треба целосно и јасно да се определи, а не како до сега да служи за вдомување на анонимуси и партиски кадри на судиски, обвинителски места или во  фотељите на судскиот и обвинителскиот совет. Особено треба да се укине Бадинтеровото мнозинство поради кое одлуките во советите се носат не според квалитетот туку според националниот интерес.

Во Академијата за судии и обвинители треба да се примаат најдобрите според знаењето,  успехот и резултатите на тестирањето , а не според националната припадност. Судиите судат, а обвинителите ги обвинуваат граѓаните на Република Македонија без оглед на националната или верска припадност па тоа не смее и не може да биде ни причина ни услов за нивниот прием во Академијата и место во правосудството.

Уште многу може да се каже и напише на оваа тема, многу е до сега и кажано и напишано, но слух и воља од оние кои се во позиција тоа да го спроведат нема затоа што им одговара вакво разнебитено правосудство заради остварување на своите матни интереси се до мигот додека нив не почне да ги меле тркалото на клиентелистичкото судство кога нема повеќе да седат во своите функционерски фотељи.

Но, тогаш ќе им биде доцна, а народот и понатаму ќе страда, ќе се мачи и нема да верува ни во власта ни во судството, а ние ќе толкуваме вакви извештаи.

Поврзани новости