Опсежната израелска воена операција во Џенин на окупираниот Западен Брег завршува, објави вечерва израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Во овој момент ја завршуваме мисијата“, рече Нетанјаху на контролен пункт во близина на Џенин. Израелскиот премиер, сепак, исто така стави до знаење дека операцијата не е „изолиран настан“ и дека Израел „ќе продолжи со неа се додека е потребно“.
Израелските сили почнаа да се повлекуваат доцна денес од палестинскиот град Џенин, соопшти израелски воен извор и очевидци, откако ја извршија една од најголемите воени операции на окупираниот Западен Брег во последните неколку години.
Првично беше нејасно кога точно ќе се повлечат војниците од палестинскиот град, кој се смета за засолниште за милитантните исламисти.
Според палестинските извештаи, воената операција продолжила и вечерва. Во градот можеа да се слушнат истрели и експлозии. Во близина на болницата имало и размена на оган, при што се повредени три лица.
Војската соопшти само дека операцијата за уништување на терористичката инфраструктура „ќе трае онолку колку што е потребно“.
Министерот за одбрана Јоав Галант, кој беше до Нетанјаху, рече дека Џенин станал „жариште на тероризмот“ во последните две години. На тоа сега му дојде крајот, рече тој.