Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати на Израелците на прес-конференција на која разговараше за договорот за привремен прекин на огнот со Хамас и договорот за ослободување на заложниците.
Нетанјаху рече дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џозеф Бајден и му се заблагодарил за неговите напори да постигне договор и им се заблагодари на сите сојузници за помошта во преговорите со Хамас.
Тој посочи дека се уште се прават напори да се постигне договор за ослободување на сите 240 заложници кои ги држи Хамас.
Нетанјаху најави дека, како што е дефинирано во договорот, на Црвениот крст ќе му биде дозволено да ги посети и да им пружи медицинска помош на заложниците кои остануваат во Газа.
Израелскиот премиер нагласи дека војната против Хамас продолжува и покрај договорот за краток прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Војната продолжува. Продолжуваме додека не постигнеме целосна победа“, рече Нетанјаху на конференцијата, што беше пренесувана во живо на израелската телевизија.
Нетанјаху, исто така, рече дека неговиот кабинет се состанал синоќа за да ја одобри, како што ја нарече, првата фаза од договорот за ослободување на затворениците кои ги држи Хамас и дека владата има едногласна поддршка од „безбедносниот естаблишмент“.
Тој посочи дека патот до постигнување договор е трасиран од израелскиот воен и политички притисок врз Хамас.