Нетанјаху: Војната не смее да се прекине додека не се постигнат три цели

by Fokus

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху објави дека војната против Хамас „не смее да биде запрена“ сè додека Израел не постигне три главни цели – „да се елиминира Хамас, да се вратат заложниците и да се осигураат дека Газа повеќе нема да претставува закана за таа земја“.

Во изјавата објавена од неговиот кабинет вчеравечер, Нетанјаху најави дека Израел „никаде нема да му даде имунитет на Хамас“ и дека борбите се водат со цел „да се врати безбедноста и на југот и на северот“.

-Дотогаш и за оваа цел, мора да оставите сè на страна и да ја продолжите борбата со заеднички сили додека не се постигне целосна победа, рече Нетанјаху.

Илјадници демонстранти вчера повторно излегоа на улиците на Израел за да протестираат против Нетанјаху и да го повикаат да поднесе оставка поради неговото справување со војната во Појасот Газа.

„Нема да се откажеме“ и „Влада на злото“ беа дел од паролите што ги подигнаа демонстрантите во Тел Авив и Хаифа за време на демонстрациите во центрите на градовите.

Минатата година Израел беше зафатен од бран масовни протести поради контроверзните планови на владата на Нетанјаху за реформи во правосудството за кои критичарите велат дека ќе ја ослабат независноста на судството.

Протестите сега изразуваат различни форми на незадоволство од Нетанјаху, од кои најзначајна е војната во Појасот Газа. Многумина, исто така, бараат брзо враќање на преговорите за ослободување на повеќе заложници.

Бидејќи израелската воена операција за уништување на Хамас наскоро влегува во четвртиот месец, на демонстрантите им се придружија роднините на некои од жртвите од 7 октомври, како и луѓето евакуирани од нивните домови во близина на границите на Газа и Либан поради борбите.

Поврзани новости