Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше на обиколка на Појасот Газа, каде разговараше со војниците и обиколи еден од откриените тунели.
„Ние сме овде во Газа со нашите херојски борци. Правиме максимални напори да ги вратиме нашите киднапирани и на крајот ќе ги вратиме сите. Имаме три цели за оваа војна: да го елиминираме Хамас, да ги вратиме сите наши киднапирани и да обезбедиме Газа повеќе да не стане закана за државата Израел“, рече тој.
„Овде сум да им кажам на моите пријатели, на борците овде кои ми ги кажуваат истите работи, а ова го повторувам и вам, граѓаните на Израел: ќе продолжиме до крај – до победа. Ништо нема да не спречи и убедени сме дека имаме сила, волја и одлучност да ги постигнеме сите воени цели и ќе го направиме тоа“, рече тој.