Нетанјаху: Влеговме во втората фаза во нападот над Хамас, ова ќе биде долга и тешка војна

by Fokus

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека војската отворила „втора фаза“ во војната против Хамас со испраќање копнени сили во Газа и проширување на нападите од земја, воздух и море.

Тој во вечерното обраќање на 28 октомври пред нацијата изјави дека ова ќе биде долга и тешка војна.

„Ќе биде долго и тешко. Но, ние сме подготвени“, изјави Нетанјаху, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Израелската војска објави и фотографии на кои се прикажани тенкови кои бавно се движат во отворените области на Газа, многу од нив очигледно во близина на границата. Во нивното соопштение е посочено дека воените авиони бомбардирале десетици тунели и подземни бункери на Хамас.

Подземните локации се клучна цел во кампањата на Израел чија цел е да ја уништи Хамас во Газа по нејзиниот крвав упад во Израел пред три недели.

Ескалацијата донесе поголем внатрешен притисок врз израелската влада за ослободување на десетици заложници кои беа киднапирани при нападот на Хамас на 7 октомври, поради загриженоста дека се држени под земја.

Нетанјаху на националната телевизиска прес-конференција изјави дека Израел е решен да ги врати сите заложници и истакна дека проширувањето на копнената операција „ќе помогне во оваа мисија“.

Тој рече дека не може да открие се што се прави поради чувствителноста и тајноста на напорите.

„Ова е втора фаза од војната, чии цели се јасни: да се уништат воените и владините капацитети на Хамас и да се вратат заложниците дома“, рече тој во својот прв јавен настап од почетокот на војната, каде што одговараше на новинарски прашања. Тој не се осврна на повиците за прекин на огнот.

Нетанјаху призна дека нападот на 7 -ми октомври бил „дебакл“ во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, и најави темелна истрага.

„Сите ќе мора да одговараат на прашања, вклучително и јас,“ изјави тој.

Израелската војска соопшти дека постепено ги проширува своите копнени операции во Газа, но не ја нарече сеопфатна инвазија.

Поврзани новости