Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му порача на американскиот државен секретар Антони Блинкен дека Израел е подготвен сам да ја продолжи војната против Хамас, без американска поддршка.
Блинкен приватно се сретна со Нетанјаху за да види дали тој ќе обезбеди испорака на повеќе храна во Појасот Газа.
Нетанјаху му рекол на Блинкен дека ја цени американската поддршка за борбата на Израел против Хамас и ја разбира потребата да се заштитат цивилите.
Но, тој повтори дека ќе изврши копнен напад врз Рафа, на југот на Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци.
-Реков и дека нема шанси да го победиме Хамас без да одиме во Рафа и да го елиминираме остатокот од тамошниот баталјон. И му реков дека се надевам дека ќе го направиме тоа со поддршка од САД, но ако мораме ќе го направиме тоа сами – рече Нетанјаху пред новинарите.
Израел тврди дека Рафа е последното засолниште за милитантите на Хамас и планира да ги евакуира цивилите пред копнен напад.
Вашингтон верува дека копнената офанзива би била „грешка“ и би предизвикала преголема штета на луѓето што се засолнуваат таму.