Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека интензивната фаза од војната со Хамас во Газа е при крај и дека фокусот на војската сега може да биде префрлен на северната граница на Израел со Либан, каде што се водат борби со Хезболах.
Нетанјаху, сепак, вети дека Израел ќе продолжи со своите активности во Газа додека Хамас не биде елиминиран.
„Ова не значи дека војната ќе заврши, туку дека ќе ставиме крај на сегашната фаза на конфликтот во Рафах. Тоа е вистината. Подоцна ќе продолжиме да ја косиме тревата“, рече Нетанјаху на телевизијата Канал 14.
Нетанјаху рече дека е подготвен да направи делумен договор со Хамас за враќање на некои заложници, но нагласи дека војната по прекинот на огнот ќе продолжи се додека Хамас не биде елиминиран. „Немам намера да се откажам од тоа“, рече тој.
Нетанјаху вчера изјави дека по завршувањето на интензивната фаза во Газа ќе префрли дел од силите на север.
„Прво за заштита, а потоа да ги вратиме нашите жители дома. Ако можеме да го направиме тоа политички, тоа би било одлично. Ако не, ќе го направиме тоа на друг начин. Ќе ги вратиме дома сите жители на северот и на југ“, додаде тој.
Хезболах, исламистичко движење поддржано од Иран, извршува смртоносни напади од јужен Либан насочени кон области во северен Израел од 8 октомври, по нападот на Хамас врз Израел. Израел одговори и во нападите врз Хезболах уби милитанти на таа група, меѓу кои и високи команданти. Поради конфликтот на северот на Израел, десетици илјади Израелци беа евакуирани.
Израелските власти им рекоа на САД дека планираат да ги префрлат ресурсите од јужна Газа во северен Израел за да се подготват за можна офанзива против Хезболах. Импликациите од пошироката војна меѓу Израел и Хезболах може да бидат поразителни, изјави висок американски функционер претходно за Си-Ен-Ен.
Имено, американските власти се сериозно загрижени дека во случај на сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах, милитантната група поддржана од Иран би можела да ја надмине израелската противвоздушна одбрана, вклучително и фалениот систем за воздушна одбрана Iron Dome (Железна купола).