Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави четири услови за кои не може да се преговара за да се постигне каков било договор со Хамас за прекин на огнот или ослободување заложници, вклучително и гаранции дека Израел може да продолжи да се бори додека не се постигне крајната цел на војната.
Објавувањето на условите дојде додека израелскиот преговарачки тим се подготвува да отпатува во Каиро и Доха за да разговара за ослободувањето на заложниците подоцна оваа недела, објави денеска „Тајмс оф Израел“.
Меѓу четирите израелски барања наведени од кабинетот на Нетанјаху, првото е дека секој потенцијален договор мора „да му дозволи на Израел да се врати во борбите додека не ги постигне сите цели на војната“.
Исто така, мора да обезбеди дека договорот не дозволува шверц на оружје од Египет во Газа, ниту „враќање на илјадници вооружени терористи на северот на Појасот Газа“.
Се наведува и дека планот според кој Израел може да ги врати заложниците дома, не смее да ги загрози другите цели на војната.
Ваквата најава на Нетанјаху во клучната фаза пред продолжувањето на преговорите предизвика огорченост во Израел, но и кај преговарачите, при што некои го обвинуваат дека се обидува да го саботира досега тешко постигнатиот напредок.