Нетанјаху: Ние сме во војна

by Fokus

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е во војна, откако палестинската милитантна група Хамас утрово лансираше голем ракетен напад на земјата и ја премина границата.

Портпаролот на израелската војска соопшти дека Палестинците досега испукале 2.500 ракети и навлегуваат во земјата со падобрани и преку море и копно.

„Ние сме во војна. Не операција, не ескалација, туку војна. Утрово, Хамас лансираше убиствен изненадувачки напад против државата Израел и нејзините граѓани. Им наредив на шефовите на безбедносниот систем да ги исчистат населените места од навлезените терористи и оваа операција се спроведува веќе три часа. Во исто време, наредив широка мобилизација на воени резервисти и одмаздничка војна со сила и опсег што непријателот досега не ги видел. Непријателот ќе плати досега невидена цена. Ние сме во војна и ќе победиме“, изјави Нетанјаху.

Израелската телевизија „Ченл 13“ објави дека седум населени места се под контрола на Хамас. Повредени се над 280 луѓе, од кои 30 сериозно.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја лансираа операцијата „Железни мечеви“. Покрај тоа што се ракетираат цели во Газа, борби се водат на граничниот премин Ерез и во една тренинг-база на ИДФ во јужен Израел.

Воениот заповедник на Хамас, Мохамад Деиф, кажа дека утрово биле испукани над 5.000 проектили кон Израел, означувајќи го почетокот на операцијата „Бурата Ал-Акса“.

Поврзани новости