Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика вонредна седница на неговата влада, порачувајќи од состанокот дека Израел ќе го уништи радикалното исламистичко движење Хамас во палестинската енклава Појасот Газа.
Состанокот е одржан во воениот команден центар во Тел Авив и започна со одавање од страна на министрите почести за повеќе од 1.300 Израелци убиени во ненадејниот координиран напад од Хамас врз јужните израелски населби и градови.
Позравувајќи го пoранешниот министер за одбрана и досега опозициски пратеник Бенјамин „Бени“ Ганц кој минатата седмица се приклучи на владата на Бенјамин „Биби“ Нетанјаху заедно со уште неколку членови на неговата центристичка партија Кахол Лаван (Сино-бел сојуз), премиерот рече дека сите работат „деноноќно“ и во „обединетиот фронт“.
-Хамас мислеше дека ќе бидеме уништени. Ние сме тие коишто ќе го уништиме Хамас – рече Нетанјаху и додаде дека оваа демонстрација на единство ќе им испрати „јасна порака на нацијата, непријателот и светот“.
Израелската војска претходно во неделата одреди нова временска рамка за цивилите од северот на Појасот Газа да тргнат кон југот на енклавата, кој истече во 13 часот.
Повикот за евакуација се однесува на повеќе од милион Палестинци на северот во пресрет на најавената копнена инвазија на израелската војска во областа.