Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва ја преминал црвената линија кога ја споредил израелската војна против Хамас со холокаустот.
„Зборовите на претседателот на Бразил се срамни и алармантни. Станува збор за тривијализирање на холокаустот и обид да му наштети на еврејскиот народ и правото на Израел да се брани“, рече Нетанјаху, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека споредувањето на Израел со Холокаустот и Хитлер е преминување на црвената линија.
„Израел се бори за својата одбрана и за обезбедување на својата иднина, додека не се постигне целосна победа, притоа почитувајќи го меѓународното право“, рече Нетанјаху.
Утре бразилскиот амбасадор ќе дојде на интервју во израелското Министерство за надворешни работи за да му биде врачена протестна нота.
„Бразилскиот амбасадор ќе биде поканет да дојде утре на интервју. Зборовите на претседателот на Бразил се срамни и сериозни. Никој нема да му го одземе правото на Израел да се брани. Наредив луѓе од моето министерство да го поканат бразилскиот амбасадор утре да му врачам протестна нота“, рече тој.
Претходно, Лула на самитот на Африканската унија рече дека „она што се случува во Појасот Газа со палестинскиот народ, не се случило во ниту еден друг момент во историјата“, но потоа додаде:
„Всушност, тоа се случи: кога Хитлер реши да ги убие Евреите“.