Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во интервју за Си-Ен-Ен ја отфрли идејата на американскиот сенатор Чак Шумер за одржување избори во Израел.
Нетанјаху рече дека народот на Израел треба да одлучи и дека изборите за време на војната ќе бидат победа за Хамас, бидејќи конфликтот ќе биде замрзнат шест месеци.
„Ако ја прекинеме војната сега, пред да се постигнат сите цели, тоа значи дека Израел ќе ја изгуби војната и ние нема да го дозволиме тоа. Затоа, не можеме и нема да попуштиме пред тој притисок“, рече Нетанјаху и повтори дека не постои таков меѓународен притисок што ќе го спречи Израел да ги постигне сите цели на војната.
Говорот на Шумер во Сенатот во четвртокот за војната меѓу Израел и Хамас, Нетанјаху го оцени како „целосно несоодветен“ и додаде дека тоа не се прави за братска демократија.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Нетанјаху би ја загубил власта доколку изборите се одржат сега.