И покрај меѓународниот притисок, Израел ќе продолжи со својата офанзива против Хамас, вклучително и во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, изјави денеска премиерот Бенјамин Нетанјаху.
„Меѓународниот притисок постои и расте, но особено тогаш мораме да ги збиеме редовите, мораме заедно да се спротивставиме на обидите да се запре војната“, рече Нетанјаху, додавајќи дека сите оние што го бараат тоа всушност им порачуваат „да ја загубат војната“.
Армијата, додаде тој, ќе спроведе операции против Хамас во целиот Појас Газа, „вклучувајќи го и Рафах, последното упориште на Хамас“.
„Кој ќе ни каже да не дејствуваме во Рафахун, ни вели да ја изгубиме војната и тоа нема да се случи“, рече израелскиот премиер.
Поради ситуацијата во Газа, Шведска иницираше состанок со израелскиот министер за надворешни работи и неколку земји-членки на ЕУ, како и други „за да се пренесе итната потреба за подобрување на хуманитарниот пристап до енклавата“, изјави во денеска шведскиот премиер Улф Кристерсон.
„Животот и здравјето на децата во Газа мора да бидат заштитени“, рече Кристерсон на социјалната мрежа Х без да даде дополнителни детали.