Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел ја менува рамнотежата на силите на север и дека има „должност“ да му возврати на Иран и „ќе го стори тоа“.
Говорејќи од неговата канцеларија во Тел Авив, Нетанјаху вети дека ќе му возврати на Иран за неговиот балистички ракетен напад во вторникот, објави The Times of Israel.
„Иран двапати истрела стотици проектили на нашата територија и нашите градови – напади со балистички ракети се едни од најголемите во историјата. Израел има должност и право да се брани и да одговори на овие напади и ние ќе го сториме тоа“, рече Нетанјаху во видео изјава.
Нетанјаху рече дека Израел уништил „голем дел“ од залихите на ракети на Хезболах.
„И овие денови нашите војници уништуваат серија терористички тунели што Хезболах тајно ги подготви, во близина на нашите граници“, рече тој и додаде дека иако армијата сè уште не ги отстранила заканите, „јасно е дека текот на војната е изменета“.