Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е подготвен за копнена операција, но не откри кога и како истата ќе се случи.
„Ние сме на врвот на борбата за опстанок“, рече Нетанјаху во телевизиското обраќање до нацијата.
Тој изјави дека Израел има две цели пред себе – да го уништи Хамас и да ги ослободи заложниците кои ги држи Хамас.
Тој рече дека одлуката за тоа кога војската ќе влезе во Газа ќе биде донесена на состанок на владиниот воен кабинет, пренесува „Ројтерс“.
Израелскиот премиер повторно ги повика палестинските цивили да го напуштат северниот дел на Појасот Газа.
Нетанјаху рече дека Израел има поддршка од светските лидери и дека сега разбираат дека „Хамас е ИСИС (Исламска држава), а ИСИС е Хамас“. Тој рече дека Израел ќе истражи и ќе открие што се случило за време на нападот на Хамас на 7 октомври и дека сите ќе треба да дадат одговори, вклучително и тој самиот.