Израелскиот претседател Исак Херцог денеска официјално му го довери мандатот за формирање на новата 37-ма израелска влада на лидерот на конзервативната Ликуд, најдолговечниот премиер во историјата на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Ликуд на Нетанјаху, заедно со своите сојузници – ултрадесничарските и ултраортодоксните еврејски партии, на изборите на 1 ноември освоија стабилно мнозинство од 64 пратенички мандати од вкупно 120 во израелскиот парламент (Кнесет).
Изборната победа му овозможи на Нетанјаху да се врати на власт по 19 месеци во опозиција.
„Бенјамин Нетанјаху одлучив да ви го дадам мандатот да ја формирате владата”, рече Херцог во претседателската резиденција во Ерусалим, оценувајќи дека тоа не е лесна одлука и дека не го пропуштил фактот дека на Нетанјаху му се суди за корупција.
Нетанјаху денеска по осми пат го доби мандатот да формира влада, веќе пет пати беше премиер, а тоа не му успеа три пати, јавуваат израелските медиуми.