За време на посетата на САД, израелскиот премиер Нетанјаху во телефонски разговор му рекол на лидерот на заедницата Друзи во Израел дека „Хезболах ќе плати висока цена, која досега не ја платил“.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави дека разговарал со премиерот Бенјамин Нетанјаху по смртоносниот напад на фудбалскиот терен во Горанската висорамнина, но не наведе детали од разговорот.
„Нема сомнеж дека Хезболах ги премина сите црвени линии. Се соочуваме со сеопфатна војна“, рече Кац.
Ракета од Либан падна на фудбалскиот терен во Мајдал Шамс на Голанската висорамнина, при што загинаа 11 лица, меѓу кои и деца, а ранети се 19 лица.
Израелците веднаш го обвинија Хезболах за лансирање на ракетите, но милитантната група ги негираше обвинувањата. Хезболах рече дека „немаат никаква врска со инцидентот и категорично ги отфрлаат сите лажни обвинувања“. Хезболах претходно објави дека лансирал десетици ракети врз воена база на Голанската висорамнина, во близина на Мајдал Шамс.
Ракетниот напад се случи откако либански безбедносен извор објави дека четворица борци од либанското исламистичко движење Хезболах, поддржано од Иран, биле убиени во израелски напад во јужен Либан. Израелската армија и Хезболах разменуваат оган преку границата од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври минатата година.