Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера му рече на американскиот претседател Бајден дека можноста за продолжување на примирјето со Хамас би била добредојдена во замена за продолжување на ослободувањето на 10 заложници дневно од Газа.
„Вечерва вративме уште една група заложници – жени и деца и трогнати сме од се срце, целата нација, кога го гледаме ова семејно обединување. Тоа само ја допира душата“, рече Нетанјаху.
„Постои и нацрт кој вели дека е можно да се ослободуваат дополнителни десет заложници секој ден. Тоа би било добредојдено“, додаде тој.
Нетанјаху изјави дека му најавил на Бајден дека, ако и кога ќе истече примирјето, Израел „ќе тргне со полна сила за да ги постигне целите: да го елиминира Хамас, да се погрижи Газа никогаш да не се врати на она што беше и се разбира да ги ослободи сите нивни заложници“.