Нетанјаху: Благодарение на брзата имунизација, Израел излегува од пандемијата

by Fokus

Израел, земјата која е прва во светот во имунизација на населението, прогласи победа над ковид-19. Токму благодарение на брзата и ефикасна кампања за вакцинирање, премиерот Бенјамин Нетанјаху за „Фокс њуз“ изјави дека Израел е првата земја во светот што излезе од пандемијата на коронавирусот.

Нетанјаху кажа дека со „зелениот пасош“ веќе ќе може да се оди во ресторани, театри и на спортски настани, проценувајќи дека еврејската држава во голема мера заврши со пандемијата.

-Израел беше познат, но и сега е познат, како стартап нација. Од денеска земјата ќе биде позната и како земја на вакцинацијата. Ние му даваме пример на светот, ние сме многу горди на тоа, кажа израелскиот премиер, истакнувајќи дека, сепак, не смета дека се е готово и дека маските ќе се носат уште некое време.

Израелските медиуми наведуваат дека здравствените власти во земјата не го делат целосно убедувањето на Нетанјаху, бидејќи предупредуваат дека новите видови на коронавирус можат да ги нарушат плановите за брзо враќање во нормалниот живот.

Во Израел, повеќе од половина од вкупното население од 9,3 милиони досега ја прими првата доза на вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“, а речиси 40 проценти од нив ја примија и втората доза.

Нетанјаху најави и дека до 5 април економијата во земјата во целост ќе се врати на вистинскиот колосек, а сето ова тој го смета како адут за победа и на изборите закажани за 23 мај.

 

Поврзани новости