Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека оваа земја „ќе стои сама ако треба“, откако администрацијата во Вашингтон одложи неколку пратки оружје во Тел Авив поради несогласувањата околу израелската офанзива на Рафах.
„Ако треба да стоиме сами, ќе стоиме сами. Веќе реков дека ако треба, ќе се бориме со нокти и заби“, рече Нетанјаху.
Во пресрет на Денот на независноста на Израел следната недела, Нетанјаху потсети дека за време на создавањето на државата пред 76 години, еврејските борци немале оружје и дека имало ембарго за оружје на Израел, пренесува Тајмс оф Израел.
„Денес сме многу посилни. Одлучни сме и обединети да го победиме нашиот непријател и оние кои сакаат да не уништат“, заклучи израелскиот премиер.
Американскиот претседател Џозеф Бајден во средата за прв пат јавно предупреди дека САД ќе ја прекинат испораката на одредено оружје за Израел, доколку израелските сили извршат голема инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Бајден призна дека Израел користел американско оружје за да убива цивили во Појасот Газа.