Несреќници

by Fokus

Образованието стана лабораториско заморче со кое се експериментира и кое создава неписмени, некадарни и неупотребливи кадри. Дојде време во кое не е битно каков си како човек, туку на која партија или националност и припаѓаш, време во кое не се мери и цени квалитетот и способноста туку полтронството и свитканиот грб.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

На денот на среќата  20-ти март беше објавен извештај во кој Македонците се најнесреќен народ на Балканот и еден од најнесреќните народи на светот.

Како и се друго и овој извештај предизвика внимание и лавина од коментари по социјалните мрежи. Едни се чудеа, други се ситеа, трети објаснуваа зошто е тоа така, но воглавном сите беа загрижени најверојатно затоа што резулатот од анкетата  соодветствува на чувството на луѓето во Македонија.

Среќата е субјективна состојба на задоволство со животната ситуација, поврзано со чуството на радост, исполнетост, уживање, блаженост, веселба. Поимот на среќа е многу проучуван во текот на човечката историја и го покажува вечниот стремеж на човештвото во потрага по среќа. Етичарите, среќата ја сметаат за најголема човечка доблест и цел на човечкото постоење.

Среќата на еден човек , иако е внатрешна состојба, го вклучува и здравјето, богатството, сигурноста, задоволството и љубовта и често се поврзува со постоење на поволни услови како што се семејниот живот исполнет со љубов и економска сигурност.

Во состојбите спротивни на среќата вклучени се тага, патење, грижа, болка кои се предизвикани од неповолните услови во кој се наоѓа човекот , како што се  навредливи и понижувачки лични врски, губење на работа, конфликти, отуѓеност, економска несигурност, ја намалуваат можноста за лична среќа.

Одамна во Македонија е заборавен спокојот кој го заменија неспокојот, несигурноста од секој вид па дури и правната несигурност. Економската несигурност владее со децении , а последниве години  кулминира оставајќи многу семејства на раб на егзистенција.

Невработеноста е огромна, а вработувањето стана привилегија на оние со партиски книшки, роднински врски или национален предзнак. Здравјето во Македонија е бесплатно, никој ниту се грижи за здравјето на луѓето, ниту вложува средства, а лекувањето стана поскапо од се друго.

Образованието стана лабораториско заморче со кое се експериментира и кое создава неписмени, некадарни и неупотребливи кадри. Дојде време во кое не е битно каков си како човек, туку на која партија или националност и припаѓаш, време во кое не се мери и цени квалитетот и способноста туку полтронството и свитканиот грб.

Денес просперираат будали, озборувачи, хушкачи и извитоперени типови, а паметните и способните луѓе се маргинализирани. Ги исплукавме и омаловаживме сите херои од минатото, а ги воскреснавме предавниците и олошот. Ги исмејавме и ги исмејуваме сите вредности и доблести, а ги воздигнуваме изопачените и накарадните.

СО ГОДИНИ НЕМА РАДОСТ НА ЛИЦАТА НА ЛУЃЕТО

Со години нема смеа и радост на лицата на луѓето во Македонија, наместо нив на лицата им се гледа неспокој, загриженост и тага. Солидарноста, разбирањето и сочуството кај луѓето ги заменија себичноста, омразата, нетрпението.

Секојдневните вести се корупција, измама, несреќа, a поголемиот дел од новинарите пренесуваat вести сензационалистички и аферџиски препишувајќи од друг портал. Македонија полека, но сигурно почнува да станува земја на старци бидејќи младите се иселуваат, не само поради работа туку и поради немање на систем и анархија.

Во една таква налудничава атмосфера е тешко човек да се чувствува среќно и задоволно и полека станува човек онаков каков што го опишал Шопенхауер-ништо повеќе нема да го израдува некого, ако му раскажете за големата неодамнешна туѓа несреќа.

Поврзани новости