Велешкиот автор Анде Јанков пред извесно време ја издаде својата трета книга насловена како „Само Бог простува“, која е дел од серијалот со инспекторот Виктор Николов, по претходно објавените „Виенски гамбит“ и „Сигурен ризик“.
Не е обичај македонски автори да пишуваат книги во делови, а Јанков е еден од малкумината кои успеваат да ја раскажат приказната на долго и широко, а реакциите на публиката се повеќе од одлични.
„Впечатоците кои досега ги добивам од читателите и дел од книжевната критика се повеќе од охрабрувачки. Иако сметам дека секој еден писател треба да пишува првично за себе, сепак сфаќањето дека она што има да го кажам како приказна исто така и се допаѓа на пошироката читателска публика е мотив повеќе да продолжам со книжевното творење. Посебно ми е драго што читателите го препознаа ликот на инспекторот Виктор Николов како еден од современите херои во поновата македонска литература“, вели Јанков за „Фокус“.
Неговата трилер-приказна ќе продолжи и во иднина, а инспирацијата Јанков ја црпи од случувањата во нашето општество.
„Инспирацијата секогаш ми доаѓа од безвременските пораки кои што сакам да ги пренесам на публиката. Од друга страна пак, општеството во кое што живееме, за жал секојдневно ни нуди несреќни судбини и општествени услови кои што дополнително нудат инспирација за да се напише некаква приказна која истовремено ќе биде и критика на реалноста која што сите ние заеднички ја делиме. Тргнувајќи од тоа, целта на мојата проза е несомнено да фрли светло врз општествените појави но и да ги ослободи луѓето од ограничувачките рамки во кои што тие размислуваат и чувствуваат“, додава тој.
Со текот на годините, македонскиот читател покажа има „нос“ за квалитетна литература, а нашиот соговорник има и една зацртана цел.
„Вкусот на просечниот македонски читател само навидум е лесно препознатлив. Да, секако дека најмногу се трошат комерцијални наслови и лесна литература, но во позадина се познава дека читателите се желни за подлабоки и вредни дела. Она што на нашата сцена можеби фали, а што јас се обидувам да го променам, е да ги подигнеме оние жанрови кои важат за книжевно помалку вредни на едно повисоко ниво, токму преку отсликување на актуелниот момент во кој сите ние живееме“, го заврши разговорот Јанков.
Јорданчо Цветаноски