Нешто е труло во државата…Данска

by Fokus

Сите изборни циклуси досега во Македонија, можат да се поделат во четири чекори. Првиот , гласаш за СДСМ за да го казниш ВМРО,вториот, се разочаруваш во СДСМ,  третиот, гласаш за ВМРО за да го казниш СДСМ, четвртиот, се разочаруваш од ВМРО и повторно се почнува од првиот чекор со нов циклус.

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Дојдоа и поминаа локалните избори во Македонија, резултатите се познати, но ако ги слушате изјавите на политичарите, ништо друго ниту е познато ниту се знае. Никој повеќе не зборува за локалната самоуправа, градоначалниците, советите, општинските планови и програми, иако изборите беа локални, сите пукаат на крупно, на парламентарно мнозинство и Владата.

Се кршат копја кој ќе владее во Македонија, кој во која фотелја ќе се смести или ќе си замине, кој кого ќе замени, кој со кого ќе коалицира или ќе ја растури коалицијата, кој има или нема парламентарно мнозинство.

Слушајќи ги политичарите можам да заклучам три работи.

Првата е дека најверојатно имаат пата- пата пратеници, а секој од нив го прикажува резултатот како нерешено 0:0, ама во наша корист, а се друго личи на караница на жени на селска чешма.

Второ , по стоти пат се потврдува дефиницијата на лудило на Алберт Ајнштајн – Кога работиш иста работа на ист начин , а очекуваш друг резултат. Оваа дефиниција се однесува како на партиите, така и на дел од народот, гласачите кои излегле на изборите.

Трето, дел од народот, гласачите, кои не излегле на гласање, се опамети, ја прочита играта и ја сфати дефиницијата на лудило на Ајнштајн.

ПАРТИИТЕ БЕЗ КОМПАС

Партиите без компас, план и програма и со надеж дека повторно ќе се гласа против , а не за, пак, ќе ќарат не на својата способност, туку на неспособноста на противникот, заборавајќи дека овој циклус и резултатите ќе се повторат за извесен период, па тогаш тие ќе бидат оние за кој се гласа против и така во круг како изминативе триесетина години. Со други зборови на ист начин ја практикуваат власта и на ист начин владеат а очекуваат други резултати што е невозможно.

Народот, оние кои излегле на гласање,  пак, повторно гласа против едните или другите, никогаш за подобриот, затоа што го нема, а очекува нормална држава, благосостојба и достоинствен живот. Со други зборови, гласа за едни те исти, кои никако не се менуваат, а очекува од нив други резултати, што е невозможно.

Сите изборни циклуси досега во Македонија , токму поради ова , можат да се поделат во четири чекори. Првиот , гласаш за СДСМ за да го казниш ВМРО,вториот, се разочаруваш во СДСМ,  третиот, гласаш за ВМРО за да го казниш СДСМ, четвртиот, се разочаруваш од ВМРО и повторно се почнува од првиот чекор со нов циклус.

Дел од народот, од гласачите, особено оние неопределените, ја сфатија дефиницијата на лудило и одбиваат во истото да учествуваат не давајќи го својот глас никому затоа што не го заслужува. Токму поради тоа излезноста е помала, а на двете најголеми партии драстично им е намален бројот на добиените гласови.

Ако се погледне излезноста на овие локални избори ќе се констатира дека излезноста е одвај над 50%, што значи дека оние кои не гласале се побројни од сите гласови кои партиите ги добиле. Тоа, пак, покажува дека Македонија, земено во вкупен број на гласачи, главно не гласа затоа што нема за кого да гласа, изедначувајќи ги сите партии во своето делување односно не делување.

Интересно е ,кога трезвено ќе ги погледнеш од страна партиите, нивните лидери и гласноговорници и ќе ги слушнеш нивните пароли и слогани, сфаќаш колку се изгубени и без компас, силни а немоќни, самобендисани, а некадарни, зборлести а неми, полни со ветувања а лажливи.

ГОЛЕМО НИШТО

Пред изборите осамнаа на билбордите партиските слогани и пароли како што се “да се обединиме“ , “дејствувај правилно, гласај зелено“, “создади нова иднина“, “чисто“, “со се што имаме“, “најдоброто за мојата општина“…..Кога човек ќе ги прочита, а живее овде во Македонија, не знае дали да се смее или плаче.

Најдоброто за мојата општина беше едно големо ништо и на зборови и на дела, единствено се промовираа кафеани и анимир дами. Ако е потребно да се обединиме сега за да создадеме нова иднина, тоа значи дека досега сме талкале во место, што е точно, но и дека треба нешто ново да се понуди, на поинаков начин да се работи и владее за да се создаде нова иднина, а никој такво нешто, ниту нуди, ниту има идеја.

Инаку, за обединувањето им текнува само пред избори, во текот на мандатот ги игнорираат и маргинализираат сите, самобендисани доволни си се самите дури и секоја критика им пречи. Она “со се што имаме“ е точно и секогаш применливо и веќе видено, секогаш кога ќе седнат во фотелја господарат и прават што сакаат со се што имаме.

За она “чисто“ не сакам ниту да објаснувам, доволно е човек да се сврти и погледне околу себе и да види колку сме закопани во ѓубре и смет, освен џебовите на граѓаните, кои се навистина чисти и празни. За “дејствувај правилно, гласај зелено“ нема потреба од објаснување, реалноста е одговор за се и за дејствувањето и за гласањето, особено зеленото давање на гласовите.

Најинтересно станува по завршување на изборите кога ќе се објават резултатите. Тогаш почнува сапунска комедија од типот на Династија. Не се знае кој со кого е во љубов, секој секого и љуби и мрази, па првиот нешто као си оди и е разочаран со надеж дека другите ќе го молат да остане, друг пак као го повикува првиот да си оди а моли Бога да остане.

ПРЕСМЕТКИ И КАЛКУЛАЦИИ

Секој секого нешто советува, пресметува, брои , калкулира и како малите деца се повикува на постариот брат, чичко или вујко кој кога ќе се појави другите има да се препаднат. Тогаш се поднесуваат оставки па останатите толкуваат дали е оставката отповиклива или неотповиклива, а ако е неотповиклива за колку време ќе стане отповиклива, дали е писмена или неписмена.

Почнува пребројување на гласовите и редовите, секој се фали дека го има мнозинството, а на секој друг му е јасно дека се тоа приказни за мали деца. И таа политичка рашомонијада ќе трае се додека некој на овој или оној начин не успее да седне во фотелја и почне да тера по старо, самобендисано, коруптивно и популистички со една единствена идеја водилка- да прави нешто , а да не направи ништо за да не се поремети состојбата на статус кво. И така во круг, со децении…

Сево ова ми асоцира на зборовите од песната на Бора Чорба-Викаат дека е нешто труло во државата Данска, годината ланска… Во Данска владеат куга и глад, данскиот маж умира млад….За да преживееш ти треба кеш, обиди се да избегаш, ако смееш….Гори дворот Хелсинор, државата базди, смрди како твор….чуствувам трулеж, се шири смрдеа……“

Поврзани новости