Цели триесет години заловувам смокови и отровни змии низ целата земја, но вакво нешто не сум видел. На овие ниски температури, во месец декември змии отровници шетаат низ природата, и самиот не им верував на очите кога ги видов– за „Фокус” раскажува Скендер Јусуфов, познат како Келе Змијата, човекот кој со шепот ги скротува змиите, по што тие му приоѓаат и потоа ги лови.
Келе живее во Криволак, Неготино, и секој ден може да се сретне во околината. За себе вели дека е најголем пријател со змиите и во тек на пролет и лето заловува стотици. Изминативе неколку недели бил изненаден бидејќи не очекувал да сретне змија во природата, затоа што во ладните месеци тие хибернираат, односно се во зимски сон од средината на октомври, се до средината на месец март. Појаснува дека забележал повеќе змии, и тоа од отровните шарка и поскок.
-Веќе неколку недели се случува да забележам змии во полето. Пред некој ден, беше многу ладно, ми излезе шарка од грмушките. Жал ми стана за неа, ја зедов со мене. Дома и прилагодив едно катче, со сено, да ја помине зимата, па потоа на пролет ќе ја пуштам во шумата да си оди. Немам прецизно објаснување за што се работи, зошто многу змии не се под земја, во зимски сон, туку шетаат низ природата. Моја претпоставка е дека земјата не ги прима, бидејќи имаат премногу отров во себе, друго не би знаел да кажам. Да внимаваат планинарите и луѓето кои имаат викендички, да не се опуштаат, иако е месец декември. Шарките се доста отровни змии, а пак од каснување од поскок може и да се умре – појаснува Јусуфов за кого „Фокус” пишуваше пред четири години, по што ТВ екипа од соседна Србија дојде во Криволак и сними документарен филм за него и неговата дарба да ги скротува змиите.
Додава дека на пролет и на лето неговиот телефон не престанува да ѕвони. Му се јавуваат луѓе на кои им влегла змија во домот, викендичката, но и во автомобил. Тој со шепот ги привлекува влекачите, а потоа ги носи во шумата каде ги пушта на слобода. Вели дека изминатава година зачестиле повиците од Скопје и околината, односно во тој регион била зголемена појавата на змии.
За шарката која ќе презими кај него, вели дека и таа има душа, а него најважно му е ниту едно живо суштество да не страда. Сите кои ќе забележат змија на својот имот можат да го побараат на мобилниот број 075 693 642.
Вики Клинчарова