Нешовски: Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик во заедницата на ЕУ од 500 милиони луѓе

by Фокус

Почнува европски „скрининг“ на македонското законодавство, тоа е почеток на еден вистински пат за членство во Европската унија, смета Валентин Нешовски, кој своевремено бил раководител на сектор во Секретаријатот за европски прашања, а потоа офицер за односи со јавност во ЕУ Инфо центарот на Делегацијата на ЕУ во Македонија. Во продолжение, ви го пренесуваме неговиот статус на фејсбук, по повод условениот датум за преговори што го доби Македонија со ЕУ:

„Јас верувам во европската идеја за мир, прогрес и пријателство меѓу народите и во најуспешниот меѓудржавен проект во историјата на европскиот континент – Европската унија. Колку и да звучи ова банално, сепак само идејата, иако не е целосно остварена, е цивилизациски дострел. Ова денес, значи сигурност дека Македонија ќе биде членка. Освен се разбира, ако граѓаните на еден иден референдум за членство во ЕУ(некаде околу 2025), како и референдумот за договорот со Грција, не речат ,,не”. Ако овие две работи пројдат, европската администрација, колку и да се големи политичките непознаници, е упорна, има знаење и трпеливост да го истурка процесот. Овој ненадеен скрининг е доказ, после малата политичка перипетија на самитот. Мислам дека Хан е јунак на денот.
Во Македонија, анкетите никогаш не паднале под 72 посто, а биле и 94 посто за членство во ЕУ. И не само граѓаните, сите до една политички партии во своите програми имаат напишано дека врвни приоритети им се членството во ЕУ и НАТО, сите стратешки документи на сите државни институции бележат аспирација за членство во ЕУ и НАТО. Оттаму, почеткот на преговорачкиот процес со скрининг, потврден од ЕУ и од комесарот за проширување ги доживувам како успех, па дури и личен. Бидејќи низ професионалната кариера имам вложено многу за да се оствари овој сон на Македонија.
И ве молам, ако има некој што ќе ми рече или ќе сака да ми коментира дека не сум во право, дека ова е предавство и капитулација и слично, одма нека се откаже.
Бидејќи, еве прв пат ќе кажам јавно, револтиран од официјалната политика на Грција кон мојата земја ниту еднаш не отидов во Грција во последните 12 години. И никому не му се замешав зошто тој оди. Тоа беше мој приватен личен став и отпор. Сега, бидејќи една грчка влада го признава мојот јазик и идентитет можеби и ќе одам. Прв пат и јавно ќе се пофалам дека стотици пати во прилики со странски дипломати, во Европа и во Америка, разговарав и ги убедував дека спорот е неправеден и ирационален. И повеќето се согласуваа, но креваа рамења. Тоа е мојот влог, патриотски, ако сакате. Пошто многу патриоти има деновиве.
Сега е дојдено време за национален напор, како што беше времето на одговрањето на прашалникот. Сега е време за напред, па макар референдумот за договорот и не успеал, сега е време да покажеме ентузијазам и смисол за напредок, а не тапкање во место и замајување на јавноста.
За крај едно квиз прашање – знаете колку официјални јазици има во ЕУ – 24. Сите јазици, на сите членки се официјални јазици на ЕУ. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од околу 500 милиони луѓе. Секоја одлука на ЕУ ќе биде преведена на македонски јазик, целото законодавство на ЕУ од околу 150.000 страници ќе биде преведено на македонски. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли, а истовремено тоа е најдоброто бетонирање на нашиот идентитет, за кој многумина се наводно загрижени.Бидете сигурни Македонија ќе ја биде!„.

Фејсбук статус на Валентин Нешовски

Поврзани новости