Несекојдневна идеја на скопски дизајнери: Купете си маица со вашиот код за вакцинација!

by fokus

До уникатна идеја дошле дизајнерите од скопското Бим Дизајн студио, откако во земјава станаа актуелни новите мерки за заштита од корона вирус, односно откако за влез во угостителски локали и други објекти е потребно да се приложи сертификат/потврда за извршена имунизација.

Тие започнале да печатат маици со кодот за вакцинација, па при влез во објект каде е потребна потврдата, на еден интересен и забавен начин, посетителите да можат да потврдат дека се вакцинирани.

-Нашето студио постои веќе 16 години и секогаш сме се стремеле да бидеме креативни, па затоа сега ја ,,исфрливме” маицата со QR кодот, како еден вид на дрес код, за дозволен влез во кафеана, трговски центар, ресторан… Идејата беше кодот да не содржи некои детални информации освен име и презиме, датум кога е примена вакцината и која вакцина е примена, со тоа што не се коси со законот за заштита на лични податоци. Сосема е безбедно јавно да биде испечатен на маицата, па затоа и се одлучивме за ваков дизајн – од студиото појаснуваат за ,,Фокус”.

Маиците се продаваат по цена од 500 денари, а бидејќи се работи за новитет, од Бим дизајн велат дека интересот за нив се уште не е на некое повисоко ниво.

-Ова е нешто ново, но покрај тоа, како наша целна група при онлајн продажба е младината, од која голем дел се уште не е вакциниран, па затоа интересот е малку слаб. Затоа, како мала шега, започнавме и со печатење на маици за невакцинирани-велат од студиото.

Раскажуваат дека постојано се присутни на пазарот со новитети и ги следат трендовите, па така и за време на Европското првенство во фудбал имале голем број на уникатни дизајни на разни производи.

-Освен со текстил, работиме и со порцелан и стакло, се трудиме да понудиме интересни и трендовски производи и да бидеме во чекор со актуелните случувања – изјавија од Бим дизјан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости