Нераскинливата врска помеѓу Ристе и жирафите се уште ги полни светските медиуми

by Fokus

Приказна за љубов или само случајност? Омилениот негувател на жирафите, Ристе Трајковски, починал наутро, а по неколку часа и Флопи, жирафата за која се грижел 12 години починала. Тие беа омилени помеѓу посетителите, познати по нивната нераскинлива врска – објави Earthpix на својата страница вчера, спомнувајќи го настанот од Скопје ЗОО, кој ја вознемири јавноста на 27-ми ноември лани.

Earthpix е веб страница која месечно ја посетуваат над 400 милиони лица од светот и објавува интересни приказни од патувања.

Под приказната за Ристе и Флопи, може да се прочитаат илјадници коментари од трогнати читатели.

За негувателот Ристе и неговата поврзаност со жирафите и во минатото пишуваа светските медиуми. Во 2019 година британскиот медиум Daily Star објави репортажа со фотографии направени од Роберт Анастасовски, на кои се гледа дел од секојдневието на Ристе со жирафите.

И во 2018 година фотографии од него со жирафите го обиколија светот и се објавија во германски и руски медиуми, каде пишуваше дека животните имаат огромна љубов и доверба кон него, па го следат на секој негов чекор.

Инаку, Флопи беше последната жирафа во Скопје ЗОО, која почина само неколку часа по смртта на Ристе. Како што тогаш раскажаа вработени во зоолошката, Ристе починал ненадејно, од удар, а пак Флопи неколку часа по него.

Флопи е трета жирафа во ЗОО Скопје која угина за краток период, откако пред неа во мај годинава угина и Каспер, а пак жирафата Тобого угина во јануари 2021 година. Пред тоа пак, во 2014 година угина жирафата Орка.

Ниту една од жирафите не дожива старост, односно барем приближно колку што се проценува нивниот животен век – 25 години. Тобого угина на 13 години, според објавените информации од срцев удар, Каспер на 12 години од салмонела, Флопи имаше околу десет години, Орка имаше триипол години и угина од воспаление на тенките црева и 12-палачното црево, предизвикано од бактерија ешерихија коли.

За Флопи, кој беше од најзагрозениот Ротшилд вид, и во светот има само околу 1.600 единки, резултатите од обдукцијата покажале дека угинал како резултат на малиген тумор во црниот дроб и метастази во белите дробови.

Од Скопје ЗОО тогаш соопштија дека се работи за подмолна болест која тешко се дијагностицирала во рана фаза.

Вики Клинчарова

 

 

 

 

Поврзани новости