По реакциите од страна на граѓаните на Општина Аеродром за непријатниот мирис кој се шири на територијата на општината, општинските инспектори вчера попладне излегоа на терен, при што затекнаа пожар во близина на препумпната станица „Лисиче“, а истиот беше веднаш локализиран од страна на противпожарната служба. Но, овој пожар не претставува причина за чадот кој се ширеше на територија на Општина Аеродром, велат од локалната самоуправа.
Денеска информираат дека било констатирано дека „чадот и мирисот се предизвикани од пожари кој доаѓаат од други општини во градот Скопје и околината. Во насока на решавање на проблемот, а со оглед на тоа дека надлежностите на општинскиот инспекторат се само на нашата територија, Општина Аеродром во неколку наврати реагираше за нивно гасење“.
„Во оваа прилика уште еднаш ги повикуваме надлежните служби да ги преземат сите неопходни мерки за решавање на проблемот. Општина Аеродром и понатаму стои на располагање за решавање на сите проблеми кои се во надлежност на општината“ стои во соопштението.