Стопанската комора за туризам на Македонија денеска реагираше за регистрирани неправилности при изборот на туристички агенции за организирање училишни екскурзии. Според Комората, иако постојат 400 туристички агенции кои можат да ги организираат училишните екскурзии, училиштата склучуваат договори со само пет или шест.
Освен тоа, велат, инспекциските служби реагираат многу споро, дури и по еден месец од евентуалното пријавување.
Комората за туризам го алармирала Министерството за образование и наука и побарала директна средба со Рената Дескоска уште во јули годинава, но одговор од кабинетот сеуште нема.
-Посебно имаме забелешка на програмите за екскурзиите кои се почесто ги прават училиштата во договор со родителите без притоа да бидат консултирани туристичките агенции, поради што и екскурзиите неретко се реално неизводливи – истакна претседателот на Комората, Хасан Шакири.
Стопанската комора за туризам бара и измена на постојниот правилник донесен во 2014 година кој оневозможува туристичките агенции отворени по 2014 да организираат екскурзии зашто, согласно одредбите, за да организира училишна екскурзија агенцијата треба да има реализирано најмалку три екскурзии.
Комората бара и поголема транспарентност, односно увид во документите на избраните агенции за организирање училишни екскурзии за да може да поднесат жалба ако се утврди дека тие не поседуваат А лиценца.