Пред околу 30 минути завршив со разговорот со полициските службеници, кој се одвиваше во основното училиште ,,Страшо Пинџур” во присуство на директорката Наталија Костова, дел од техничката служба, како и двете деца врз кои беше извршен обид за киднапирање. Не го разбирам демантот на МВР, кој беше објавен во време кога уште течеа разговорите и се даваа изјави по повод случајот кој сите не вознемири – за ,,Фокус” појаснува Виктор Паунов, градоначалник на Општина Карбинци, штипско.
Тој тврди дека наспроти демантот на МВР, во кој се наведува дека утрово околу 09.30 часот младо момче со возило Голф дошло во училишниот двор и ја поканило ученичката да влезе во автомобилот и одат на кафе, по што таа пријавила кај директорката, ситуацијата била далеку посериозна.
-Директорката ми јави за случајот и јас веднаш заминав во училиштето. Бев присутен за време на разговорите со полициските службеници и сакам на јавноста да и кажам што точно се случувало утрово во училишниот двор, така како што беше раскажно пред полицијата.
Во дворот со возило Голф, темно сина боја и со скопски регистарски таблички се паркирало момче, не се знае неговата возраст, излегло и му пришло на еден ученик. Извадило мобилен телефон и на ученикот му покажало фотографија од ученичка која е во деветто одделение, значи околу 13 години, и му рекол да ја повика. Му дал 200 денари во рака, за да ја викне. Ученикот го повикал девојчето, по што лицето од возилото и рекло да влезе во автомобилот за да одат на кафе и и нудело пари. Девојчето се исплашило, бидејќи не го познавала лицето, и веднаш заминала кај директорката да пријави.
Во меѓувреме, истото лице му се обратило на момче од шесто одделение, кое е од турска националност, што беше спомнато и од директорката, дека се работи за две деца, од македонска и турска националност, и него се обидел да го намами да влезе во колата. Му покажал и понудил пари, дури и го повлекол за јакната за да влезе. Момчето се исплашило и не влегло во автомобилот, туку дошло кај директорката да и каже за настанот- појаснува градоначалникот.
Вели дека полициските службеници ги зеле парите од ученикот на проверка, дека бил направен записник, а лице од техничката служба кое се затекнало таму го опишало возилото.
-Сакам да и порачам на јавноста дека ова е сериозен момент, настанот доаѓа во време кога целата земја е вознемирена од последните случувања, но и да упатам порака до МВР, дека Карбинци се наоѓа на седум километри од Штип и дека ние овде бараме редовно патролирање на полицијата. Тоа се реакции и од жителите кои неколкупати ги пренесувам, но без резултат.
Не знам која била намерата на лицето кое се обиде да намами деца во автомобилот и да им нуди пари, и тоа во училишен двор, самото тоа зборува дека мора да се внимава и да се превземат мерки лицето да биде откриено што поскоро! Во ова училиште доаѓаат ученици од повеќе села, значи околу 300 деца, за кои мора да се гарантира безбедност!
Да не се крева паника и да не се предизвикува вознемиреност кај родителите, но и да се посвети сериозно внимание на безбедноста, посебно откако ова се случи. Инаку, истрагата, односно разговорот со инспекторите траеше речиси до 14.40 часот, а МВР објави демант околу 13.00 часот -појаснува Паунов.
Додава дека директорката не е во можност сега да дава изјави, бидејќи е многу вознемирена, но како што тој кажа и пред камерите на регионални телевизии денес, стои зад своето тврдење дека станува збор за две деца врз кои е извршен обид да бидат намамени и внесени во автомобил, и очекува институциите најбргу да го решат случајот.
Од СВР Штип за ,,Фокус” изјавија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вики Клинчарова