Неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции добиваат 59 мали семејни винарии. Договорите за нивна поддршка во вкупен износ од над 33 милиони денари денеска во Градскиот парк во Скопје ги врачи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Денеска за нас е посебен ден. Исполнивме уште едно битно ветување кое го дадовме на малите винарии за поддршката која што им е потребна. Денеска доделуваме 59 договори за поддршка на малите семејни винарии, во вкупен износ од над 33 милиони денари. Тие добиваат неповратна финансиска поддршка, односно неповратен грант од 10.000 евра по корисник, за поддршка во опрема и инвестиции. Интересот за оваа мерка беше голем. Вкупно аплицираа 63 винарии, а условите ги исполнија 59 и сите тие ќе добијат поддршка околу 10.000 евра по корисник. Нема прв дојден, прв услужен, односно обезбедивме средства во буџетот на Министерството да ги одобриме за сите кои исполнуваат услови, рече Николовски.
Тој го поздрави и Здружението „Вина од Македонија“, кое се претстави на последниот и најголем саем во светот ProWeine минатиот викенд во Дизелдорф, каде, како што појасни, лично можел да се увери дека навистина фокусот, луѓето и најголемата гужва била токму на македонскиот штанд на најголемиот светски саем за виното.
– Затоа ќе ги поддржиме сите идеи. Секаде каде малите винарии ќе дадат предлог секој еден саем се она што е потребно да ги поддржиме да се презентираат, да ги промовираат македонските вина коишто ги произведуваат, ќе добијат поддршка од Министерството. Македонското вино е дел од светската винска мапа, а ние сме класифицирани како винска земја. Виното е еден од нашите најважни стратешки производи. Заедно со лозарството учествува во околу 20 проценти од БДП во земјоделството. Покрај тоа, виното е на прво место според извозот на алкохолните пијалоци од кај нас. Значи прв алкохол што има најголем извоз од Република Северна Македонија во останатите земји, е виното. Извозот расте и по количина, извозот расте и по вредност, и оваа година достигна 50 милиони евра извоз на виното, истакна Николовски.
Посочи дека тоа што особено го радува, е што се менува структурата на извозот каде флашираното вино зазема се поголем дел во структурата на вкупниот извоз.
Во име на сите мали винарии и во име на Здружението „Тиквешки семејни винарии“ се обрати претседателот на Здружението, Горан Јаковлевски кој се заблагодари на министерот Николовски и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за поддршката која ја имаат и на пратениците од Кавадарци за несебичното ангажирање да се обезбедат финансиски средства за сите апликанти кои ги исполниле условите за грантот.
– Ние сме тие кои со години и децении наназад произведуваме вино, ракија, маџун во домашни услови негувајќи ја нашата македонска традиција. За квалитетот на вината кои денес ги произведуваме зборуваат наградите кои ги добиваме не само на домашните натпреварувања туку и на престижните меѓународни натпревари. За да се произведе квалитетно вино потребна е и современа опрема, па така овие финансиски средства кои ќе ги добиеме ни се неопходни за проширување на нашите капацитети, но и набавка на квалитетна опрема без која денес не може да се произведе врвно вино, а при тоа водејќи сметка да ја задржиме и негуваме нашата семејна традиција, рече Јаковлевски.