Сестрата на министерот за култура Зоран Љутков од неодамна е вработена во Музејот во Велес, а оваа информација ја објави советникот на Левица во Општина Велес, Игор Смилев.
„Сестрата на актуелниот министер за култура и поранешен претседател на Советот на Општина Велес Зоран Љутков од неодамна е вработена во велешкиот музеј, прием и честитање кај Мицко“, напиша Смилев.
Според Смилев, за сестрата на актерот и министер Љутков немало распишан јавен оглас од страна на Народниот музеј во Велес најверојатно таа е вработена со преземање од приватна агенција за вработување.
– Има два начина таа да се вработи ако го исклучам јавниот оглас кој не беше распишан. Или таа да биде привремено вработена од агенција за вработување или министерот Љутков кој е нејзин брат, да потпишал указ за вработување што би било надвор од разумот. Мислам дека е вработена преку приватна агенција, но тоа може да трае три месеци и потоа за работната позиција ќе мора да се распише јавен оглас – рече за “Фокус“, Игор Смилев од Левица.
Во Велес се регистрирани уште неколку случаи на непотизам во кој актуелни пратеници, директори и советници на владејачката коалиција вработуваат свои блиски роднини.
Братот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Велес и вработена во ЈКП Дервен, Весна Атанасовска, Ване Маневски кој исто така работи во ЈКП Дервен, е назначен за нов директор на хидросистемот ЈП Лисиче.
Сопругата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов се вработи во СВР Велес во секторот за економски криминал.
Кандидатот за пратеник од ЗНАМ, адвокатот Андреј Весов не стана пратеник, но неговата сестра Ана Весова стана член на новоформираната Второстепена комисија за управни постапки и работни спорови. Во оваа комисија нов член е и Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.
Орце Костов