Непочитувана министерке, мајка на два сина!

Народот, медиумите и опозицијата се тука за да го критикуваат тоа што власта не го прави како што треба. Ставете си го тоа во глава. Сите ние знаеме дека раката на ВМРО-ДПМНЕ е долга, го почувствувавме тоа во времето на бегалецот во Будимпешта и реално никој не го сака ВМРО од тоа време. Таму каде што седите, јавната функција што ја имате е подложна на критика, а отчет за сработеното му должите на народот. Зашто сте министерка на граѓаните, а не на владата.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство!

Ова беше „фамозната“ и „спектакуларна“ изјава со која се „закопа“ актуелната министерка за финансии, Гордана Димитриоска-Кочоска, на одговор на пратеничко прашање од страна на пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска. Изјава што предизвика лавина реакции и која министерката ја стави на клада. Нели, сѐ според заслугата.

Во рок од само неколку часа, социјалните мрежи вриеја, медиумите беа преплавени со реакции, а невладините реагираа како некоја машинерија. Единствено, само до Кочоска не допре ништо. Само таа немаше доблест да се извини за една од најмалограѓанските изјави дадени досега.

Жена без никаква почит и никакви скрупули. Удри најсилно таму каде што најмногу боли – темата за деца.

За да дадеш ваква недолична, некултурна, одвратна и шовинистичка изјава, треба малку да си ја чукнеш главата. Што е таа поразлична ако има две деца, од тие што немаат деца? Никому не му ја знаеш маката за да се дрзнеш и да плеснеш во лице дека некој не се остварил како мајка. За тоа постојат бројни причини – може не сака, може не може…

Како и да е, секој има право на избор, а тоа не ѝ дава право на првата финансиерка да си ја покажува својата суета и некултура на дело.

И, ај да речеме дека ова се случува првпат. Но, не! Секоја нејзина изјава е од шокантна пошокантна, а мислам дека и самиот Христијан Мицкоски се покајал што ја ставил како прв човек на финансии, иако за цело време додека беше во опозиција му беше десна рака. Таа беше во оние пет најблиски луѓе на премиерот, кои во заднина му го штитеа грбот.

Чудно е ова за вмровците, кои се познати по силната пиар-стратегија и никогаш ништо не оставаат на случајноста, да дозволат една министерка да им го урива „угледот“. И тоа пуштена на најјако.

Се гледа дека Кочоска пука од самодоверба и сега го достигнала врвот во својата кариера, но тоа не ѝ дава за право да ги навредува граѓаните за кои работи, зашто со таа изјава не ја навреди само Петровска, туку повеќето од жените во земјава. Поточно, ги срамни со земја, па дури и дното го проби.

За волја на вистината, оваа госпоѓа министерка, мајка на два сина, ми е „омилен“ лик во владата на Мицкоски. Со месеци ги следам нејзините изјави и секогаш се шокирам колку нема поим што зборува пред медиумите. Кога станува збор за цените во маркетите, таа се „пали“ како димна бомба, мислиш за нив работи, а не за народот. Подготвена е во секое време да се скара, да навреди, да понижи, како мислиш Господ е. Никој ништо не ѝ може. Убаво викаат, дај му на човек власт, да му го видиш паметот. Е, ние ѝ го видовме, и тоа убаво.

Нејзината дрскост оди до таму што кога новинарите ѝ поставија прашање за функционерските плати, таа безобразно одговори:

„Не знам што ќе правиме, но ако планираат да ги намалат, јас заминувам. Еве, платата на министер е 115. 000 денари. Јас приватно работев и повеќе заработував. Не мора да бидам тука, нека дојде друг тука да се справува, додека се тие по одмори, јас и сабота и недела бев на работа. И немав платено прекувремено“.  

Министерке Димитриоска-Кочоска, вие седите на оваа удобна фотелја благодарение на народот, кој ве гласал и за кој треба да работите. Многу попаметно ќе ви биде да си ја намалите суетата, која ви извира од секоја пора, зашто нема вечно да бидете на функција. Тоа го знаат и пилците надвор. А, ако продолжите со истото темпо, многу порано сами ќе си ја закопате сопствената кариера.

Едно треба да знаете, дека народот, медиумите и опозицијата се тука за да го критикуваат тоа што власта не го прави како што треба. Ставете си го тоа во глава. Сите ние знаеме дека раката на ВМРО-ДПМНЕ е долга, го почувствувавме тоа во времето на бегалецот во Будимпешта и реално никој не го сака ВМРО од тоа време. Таму каде што седите, јавната функција што ја имате е подложна на критика, а отчет за сработеното му должите на народот. Зашто сте министерка на граѓаните, а не на владата.

И многу жално е дека од целата плејада критики упатени на ваша сметка, вие не извлековте поука, па наместо да се сокриете и да не се појавувате во јавноста извесно време додека се заборави отровот што го блуете,  вие уште поосилена тврдите дека луѓето биле организирани да ве плукаат. И вие и ние, многу убаво знаеме дека тоа не е така.

Можеби сте стручњак за работата што ја работите, иако реално досега ништо не видовме на дело. А, нели вие секогаш сте по делата. Сепак, сфатете едно – крајот го краси делото!

 

Поврзани новости