Компанијата Кожувчанка на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев склучила договор со Министерството за здравство за донација на неограничена количина на негазирана природна изворска вода ,,Изворска” на сите вакцинални пунктови во државата.
Од компанијата посочуваат дека откако започна пандемијата поддржале голем број на клиники и Ковид центри во државата.
-Во овие тешки моменти нашата компанија несебично помагаше онаму каде што беше потребно, се радуваме што и во овие моменти на вакцинација и имунизација ќе го направиме истото – велат од Кожувчанка.
Покрај тоа, од компанијата во јуни, минатата година, донираа медицинска опрема во вредност од 10.000 евра за ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Се работи за апарат за вентилација при транспорт на пациенти со погон на кислород, модел Oxylog VE300 Basic Drager Germany.
Со апаратот се испорачува и боца за кислород, редуцир-вентил за кислород, носач на апаратот и на боцата, пациент-црева и адаптери за напојување. Со апаратот, кој е подвижен и со современа вентилација, се овозможува полесен транспорт на пациентите до клиника или меѓу клиниките, поради различните испитувања на пациентите што се заболени од Ковид-19.
Исто така, годинава во март, компанијата заедно со фондацијата Никола Јанчев донираше комплетен систем за централен довод на кислород до секој кревет во модуларната Ковид болница во склоп на Општа болница со проширена дејност Кавадарци.
Вики Клинчарова