Неодамна лимитот за плаќање во кеш се намали од 15.000 на 500 евра, а сега се зголеми на 3.000 евра

by Фокус

Со измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, усвоени во парламентот на истекот на изминатава година по скратена постапка, лимитот за плаќање кеш се зголемува од 500 на 3.000 евра.

Инаку, Министерството за финансии прво го намали прагот за плаќање во готово од 15.000 на 2.000 евра, а потоа се намали на 1.000, а од јуни минатата година на 500 евра.

Тогашниот министер Драган Тевдовски ја искажа примената на оваа мерка како една од причините за позитивниот извештај на Европската комисија за борбата со сивата економија.

Меѓутоа, сега лимитот се зголемува од 500 на 3.000 евра со одлука на 54 пратеници, без ниту еден глас против или воздржан, со образложение дека веќе претходната регулатива ги ограничува граѓаните и им создава дополнителни обврски.

„Поради ограничувачкиот законски износ, во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните потребна е предметната измена на Законот и нејзино усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унија како што се Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други“, се вели во образложението на пратениците кои се јавија како предлагачи на законските измени.

Поврзани новости