Магнетофонски ленти кои содржат претходно необјавени демо снимки на покојниот американски музичар Џими Хендрикс ќе бидат понудени на аукција на 15 ноември, заедно со многу лични предмети на Хендрикс.
Меѓу снимките што ќе се најдат на аукција се демото на песните „Up From The Skies“, „Ain’t No Telling“ и „Little Miss Lover“, кои се појавија на вториот албум на бендот на Хендрикс „The Jimi Hendrix Experience“, „Axis: Bold as Love“, како и демо верзијата на „Stone Fre“, која беше објавена на Б-страната на синглот „Hey Joe“, пренесува „Гардијан“.
„Овие верзии никогаш порано не биле емитувани, не биле слушнати од публиката и не биле пуштени во оптек“, рече музичкиот консултант Марк Хохман од аукциската куќа „Propstor“.
„Можете да слушнете повеќе гитара, по што Хендрикс беше очигледно познат. Експертите кои ги слушнале овие снимки се согласуваат дека тие се супериорни во однос на сите други верзии на тие песни“, рече Хохман.
Тој додаде дека кој ќе ги купи касетите ќе може да се пофали „дека има свои песни на Џими Хендрикс кои самиот може да ги слуша“.
Според Гардијан, снимката што ги содржи само демо-снимките се очекува да се продаде за 200.000 фунти.
Колекцијата ја продава Патриша Трикси Саливан, која беше лична асистентка на менаџерот на Хендрикс, Мајкл Џефри меѓу 1966 и 1973 година, и која работеше со музичарите, обично со резервирање студиски сесии и креирање распореди за турнеи.
Меѓу личните предмети се и формуларот од САД што го пополнил Хендрикс за да побара извод од матичната книга на родените што му бил потребен за да добие пасош, планови за патување и некои лични финансиски документи.
Потенцијалниот купувач ќе мора да преговара со продавачот ако сака да ги објави демо-снимките некаде.
Џими Хендрикс се смета за еден од најважните гитаристи во историјата на музиката, чиј стил кој ги спои рокот, соулот, блузот и џезот имаше големо влијание врз музичарите ширум светот.
Меѓу неговите најпознати песни се „Purple Haze“, „Foxey Lady“, „All Along the Watchtower“, „Castles Made of Sand“ и други.